Македонија
19. November 2025 - 16:49

Почна судењето за ,,Пулс"

Смртоносна стапица која никој не сакал да ја види, вака јавното обвинителство ја нарече дискотеката „Пулс“ на стартот од судењето за пожарот во кој загинаа 63 лица. Централно место во воведниот говор за трагедијата, обвинителството обезбедило за сопственикот на Пулс, Дејан Јованов. Тврдат дека негов интерес единствено бил профитот.

Пиротехниката која била внесена за настапот на ДНК, обвинителството тврди дека не е единствената причина за трагедијата. Проблем бил и самото постоење на Пулс од отворањето во 2012 година. Работела без контрола од општината, пазарниот инспекторат, дирекцијата за заштита и спасување, министерството за економија. Раководните луѓе на овие институции како што наведе обвинителството си ја префрлале одговорноста кој треба да контролира. Затоа, како што се вели во воведниот говор, сите од 2012 па се до март годинава сносат одговорност за трагедијата.

Судијката Диана Груевска Илиевска побара дисциплина од сите учесници во постапката. Рече дека никој не знае колку долго ќе трае судењето, но порача, ако сите редовно доаѓаат на рочиштата, ќе се дојде до вистината и правдата за случајот.

Судењето го следеа и родителите на загинатите. Со аплауз го поздравија воведниот говор на обвинителството. Лути се на адвокатите кои се обиделе да го одложат рочиштето заради спојување на обвинението за сопственикот на фирмата за обезбедување. 

Судењето продолжува идната недела на 25 ноември кога обвинетите ќе треба да кажат дали се чувствуваат за виновни или не. Им се суди на 35 лица, освен сопственикот на Пулс, за тешки дела против општата сигурност одговараат уште тројца градоначалници на Кочани, четворица директори на ДЗС, двајца министри за економија, пазарни инспектори. Им се суди и на три фирми. Сите заедно обвинети се за тешки дела против општата сигурност..