Македонија
17. November 2025 - 16:37

Авто-школите ги поскапеа обуките за 35%

Нов ценовник во авто-школите. Обуката за возач од Б категорија поскапе за 35%. Па така, наместо 24.500 денари, сега чини 33 илјади. Тука влегуваат 20 часа теоретска и практична настава од 36 часа. Од здружението на авто-школи велат дека старата цена не била сменета 10 години, а оттогаш се е поскапено и имале драстично поголеми трошоци за се, од гориво до техничка опрема.

„Постоечката цена што беше некаде околу 24.000 е цена којашто по предлог на авто-школите од Репуликава беше од 2015 година.  Таа пресметка беше базирана на минимална плата која тогаш беше околу 8.500 денари и трошоците за одржување на возилата беа многу пониски и ред други варијабилни и постојани трошоци , за регистрација на возилата и самата постапка за одржување на квалитетот на обуката“- изјави Јонче Апостоловски, Претседател на Националното здружение на автошколи и возачи инструктори.

Новите цени, вели Апостоловски, од поодамна ги применуваат авто-школите во другите градови, а во Скопје се приклучиле последни, од први овој месец.

„Едноставно автошколите тешко ја држеа главата над вода со тие цени што беа. Како ќе функционира ќе видиме, но секако цената треба да биде одраз на зголемување на квалитетот, еве сега доаѓа време на поставување зимска опрема на возилата, секој дефект да се отстрани, особено за тешките возила“ - изјави Јонче Апостоловски, Претседател на Националното здружение на автошколи и возачи инструктори.

Освен 33 илјади денари за обука, идните возачи од Б категорија одделно мора да платат по 250 денари за секоја од трите посети на полигон, по 1.500 денари за користење на возило за полагање на полигон и градска и задолжително лекарско уверение од 1.200 денари. Полагањето, пак, чини 2.500 денари.