Македонија
17. November 2025 - 12:19

Ден на предвремено родени бебиња

Со панаѓур, свеченост и пригодна програма денеска во Прилеп беше одбележан 17 ноември светскиот ден на предвремено родените деца. Во Прилеп годишно се раѓаат од 400 до 500 бебиња, од кои 30 до 40 се предвремно родени, или некаде 7%. Од здружението на мајки на прерано родените бебиња од Прилеп побараа законски измени за зголемување на породилното отсуство на мајките кое сега изнесува исто 9 месеци како кај нормално породување.

„Децата кои се во инкубатор, мајките си одат дома сами без деца. Детето може да се врати кога мајката треба да оди на работа, 9 месеци да лежи во инкубатор. Бебето се враќа дома како бебе, тоа не е спремно како другите деца, кога нормалните дечиња проодуваат ние мајките на прерано родените деца ги учиме да јадат без сонда, тоа е преголема разлика“, рече Данче Оклеска Илиеска, мајка на предвемено родени дете.

Причините за предвремено раѓање може да бидат и одредени болести кај плодот и кај мајката и разни инфекции, затоа според гинеколозите потребно е редовно следење на мајките во текот на бременоста.

„Наша цел е сите пациенти кои ќе ги детектираме дека имаат ризик од предвремено породување, заедно со матичните гинеколози да ги следиме поинтензивно, правилно да даваме терапија и да ги насочуваме и да ги едуцираме во кои ситуации како треба да делуваат. Нашата болница ги прифаќа породените дечиња над 34 гестациска недела, сите пациенти кои се дојдени во нашата болница со услови за транспортирање на клиниките во Скопје, ние успеваме да организираме транспорт“, изјави Билјана Кржеска, началник на гинеколошко одделение Прилеп.

„Тоа се деца пред се со неразвиени сите органи, поради тоа имаат и почести и повеќе проблеми, морбидитет и почест, односно зголемен морталитет кај новороденчињата. За 2023 во 7% од вкупно живородените деца, во 2024 9%. Бројот се зголемува со оглед на динамичниот живот на населението, на мајките“, додаде Лилјана Христоска, педијатар на неонаталошко одделение при општа болница Прилеп

Во состав на настанот имаше и донација од еден многу потребен современ пациент монитор, од страна на Унијата на жени при ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.