Откуп на тутунот
Од регистрираните 10 откупувачи само Тутунунски комбинат Припеп и Кавекс од Неготино во вторник ќе стартува со предвремениот откуп на тутунот од годинешната реколта. Според Сојузот на тутунски здруженија ова можеби е знак дека другите откупувачи тактизираат и сакаат да видат како ќе се откупува тутунот дали по класи, или целиот во една класа како лани и каква ќе биде цената, дали според договорите каде за прва класа e 420 денари за килограм или сепак ќе оди нешто повисоко.
„Ова ми дава за право да помислам дека компаниите се уште тактизираат, ние излеговме со една многу убава понуда спрема сите откупувачи, да се корегираат цените и да се плаќа квалитетот и неквалитетот. Размислувањето наше како Сојуз сите го поздравија, но никој не кажа дека ќе го прифатат. Нашата понуда беше 460 денари за прва класа и 400 денари за втора класа. Ова е ми дава за право да мислам дека цената ќе биде солидна бидејќи еве и денеска како што гледате временските услови помагаат за сушење на тутунот, поготово летниот тутун. Односно се што беше собрано до октомври е одлично исушен“, вели Кире Ристески, претседател на Сојуз на тутунари на Македонија.
Инаку годината Тутунски комбинат Прилеп планира да откупи 2,3 милиони килограми тутун или 35% повеќе од лани. И годинава како и лани ќе се плаќа два пати неделно на предадените количини во вторник и петок.
„Тутунски комбинат уште во март месец ги зголеми цените во однос на ланската година, првата класа е зголемена за 5%, втората класа за 10% и третата класа е зголемена за 10%, во споредба со ланската година. Откупувањето на класи според мене е една од мерките за да се одржи квалитетот на тутунот на ова поднебје, бидејќи треба да се награди и соодветно да се цени тој што е добар производител и тој што е лош производител на тутун за да не си направиме дополнителни проблеми во иднина и да го уништиме самото тутунопроизводство. Годинава како што реков очекуваме добар квалитет на тутунот, летниот тутун е со солиден квалитет и очекувам да постигни добра, висока цена“,изјави Aлександар Алексовски, директор на Тутунски Комбинат Прилеп.
Годинава се очекува родот на ниво на држава да тежи некаде помеѓу 22 и 24 милиони килограми.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар
