Македонија
10. November 2025 - 16:46

Заврши 72-часовната генералка на Скопје

Заврши генералката на Скопје. Депониите по улиците и тротоарите веќе ги нема. Низ главните улици најголем дел од контејнерите се празни. Во некои од споредните улички се уште може да се забележат садови полни до врв. Сепак, граѓаните се задоволни од сработеното. 

„Најдобро и најубаво што може да биде. Орце е вистинскиот. Секоја чест. Само што исчисти околу камениот мост, доволно е, а камо ли друго. Тоа е за секоја пофалба и за честитање, и да е жив и здрав и така нека тера. Сто години, сто.“
„Важно е дека се чисти. Треба да се дозволи и време сето тоа да се заврши убаво и мислам дека ќе биде подобро.“

„Почисто изгледа, јас во Ново Лисисче живеам, сите канти се исчистени. Само ние сме научени само да кукаме, те ова било, те она било, сега ќе му ги бројат саатите, деновите...“

„Сметам дека има навистина разлика. Господ здравје што имаме вакви градоначалници кои сепак се потрудија да направат некој ред.“

Освен редовно празнење, ќе треба и брза замена на многу од контејнерите бидејќи се стари и искршени. Немаат капаци, а некои имаат и дупки, па камионите на комунална едвај ги креваат.

Паралелно се поднови возниот парк на приватните превозници. Од денеска 20-ина нови возила сообраќаат на скопските булевари. Набрзо треба да се вклучат уште 35. Приватниците објаснуваат дека не се работи за дополнителни автобуси, туку замена на старите и дотраени возила, со нови. 

„Автобусите постепено се заменуваат, процесот малку е долг. Отприлика по два автобуса на ден се работат во ЈСП, се префрлува опремата. Не се работи за дополнителни автобуси, туку постарите автобуси се вадат од сообраќај, се вметнуваат поновите еколошки автобуси. Значи немаме дополнителни автобуси, тоа се оние истите. За да имаме дополнителни друга е процедурата“ – Јовица Зафировски, приватен превозник 

Градоначалникот Ѓорѓиевски најави дека до март догодина, со помош од Владата ќе бидат обезбедени уште 80 нови автобуси за ЈСП, а од мај ќе профункционира и градскиот воз.