Бизнис
5. November 2025 - 16:30

Македонија се оддалечува од стандардот на ЕУ, нема напредок во клучните економски реформи

„Владата не постигна напредок во клучните реформи“ – вака почнува економскиот дел од извештајот на Европската комисија за земјава. Плановите за фискална консолидација биле одложени, што значи планираните приходи не се остваруваат, па државата постојано мора да „крпи“ дупки со нови долгови. Државниот долг порасна на 62% од целата економија. Тоа значи дека за секои 100 евра што ги создава економијата, државата должи 62.

„Извештајот во економскиот дел една од најголемите критики ги дава во фискалната консолидација. Ги анализира во два аспекти. Прво, вели имате бавна фискална консолидација, второ имате одложена фискална консолидација. Под бавна најмногу даваат забелешки во делот на структурата на трошењето, односно во 2024 имаме голем раст на трошоците за плати и истовремено линеарното зголемување на пензиите се нотирани како две клучни мерки кои го забавуваат процесот на фискална консолидација. Во делот на одложувањето даваат сериозни забелешки во имплементацијата на законот за буџети односно одложената имплементација која се однесува на буџетскиот дефицит и јавниот долг како две клучни фискални правила кои треба да бидат применети“ – Благица Петрески, Фајнанс тинк 

Комисијата забележува и други проблеми: сива економија, слаб напредок во капиталните инвестиции, влошена надворешна позиција, односно поголем увоз од извоз и раст на цените. Македонија сè повеќе заостанува зад ЕУ кога станува збор за животниот стандард: БДП по глава на жител бил 43% од европскиот просек во 2021 година, но наместо да расте, лани паднал на 42%.

Голем проблем е и сивата економија. Лани процентот на луѓе кои работат „на црно“ се зголемил на 12,3%. Според извештајот, планот за формализирање на сивата економија оди многу бавно, делумно поради реорганизација на надлежностите во новата влада. Цените на храната пораснале помалку во споредба со претходните години, а Европската комисија нотира дека инфлацијата повторно забрзува. Замрзнатите маржи имале само привремен ефект, а капацитетите на институциите кои се задолжени за наздор се покажале како недоволни. 

„Во текот на летото кога ние веќе достигнавме лепливи цени и упорна инфлација, Владата имаше серија на намери дека ќе направат консолидација и ќе направат корекција на таквите експанзивни политики. Таквата нарација не ја заблежуваме во моментот на овој извештај, верувам дека имајќи предвид дека изборниот процес е завршен, владата сега има сериозен простор за точна имплементација на таквата намера“ – Благица Петрески, Фајнанс тинк

Иако кај пазарот на трудот се забележуваат подобрувања, високи 29% од младите се невработени. Растот на платите, пак останал висок, и бил поттикнат од зголемувањата во јавниот сектор и порастот на минималната плата.