Се комплицираат дополнителните избори за четирите општини во кои немаше цензус
Се комплицираат локалните избори што одново треба да се спроведат во Гостивар, Маврово-Ростуше, Центар Жупа и Врапиште кои на 19 октомври не го постигнаа потребниот цензус на излезност. Во овие општини процесот треба да почне одново, но како што информираше денеска спикерот Гаши кој ги распишува изборите, ќе мора да се направат дополнителни консултации со ДИК.
Прво, како што објасни спикерот има дилема од кога почнува да тече рокот од 60 дена, дали од завршувањето на првиот круг, или пак, од завршувањето на вториот круг. Поголем проблем е пак, што за дополнителните избори, членовите на ДИК можно е да останат без мандат.
„Мандатот на членовите на ДИК трае 5 години и на актуелниот состав истекува на 15 јануари. Неумесно би било среде избори да распишам оглас за нови членови на Комисијата. Затоа деновиве ќе имаме средба со ДИК заеднички да го решиме ова во рамките на постојните закони. Сам не сакам да одлучувам”, рече Гаши на брифинг.
Тој не исклучува резултатите од актуелните локални избори да направат прегрупирања во пратеничките групи во Собранието, а најави дури и промени во владиниот состав согласно највите на премиерот дека не е задоволен од работата на некои министри.
На кородинацијата кај него, бил донесен и став координаторите на партиите да почнат разговири за измени на изборните правила особено во делот на финансирање на изборната кампања. Согласност за измени, според Гаши, дала дури и опозициската ДУИ, чии гласови се неопходни за конзензус и Бадентер, а која претходно ги услувуваше измените на изборниот законик.
Сепак, измените на законот за локална самоуправа со кои се предвидува граѓанско отповикување на градоначланикот, но и општински полицајци, а кои исто така се заглавени од ДУИ, Гаши вели дека ќе мора да ја чекаат владината реконструкција.
По речиси два месеци пауза, пратениците првата посериозна седница ќе ја имаат на 11 или 18 ноември зависно од пристигнатите материјали. Од денеска во парламентот е и Буџетот за наредната година. До 10 ноември ќе се поднесуваат амандмани, а целосното усвојување на буџетот за 2026 треба да биде направено најдоцна до средината на декември.
И покрај притисокот од ЕУ за уставни измени, Гаши вели дека не се планира отворање на највисокиот законодавен акт. Сепак, спикерот вели дека треба да се искористи можност и рапсоложение во Унијата за проширување за да ја откочиме евроинтеграцијата.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
