Македонија
4. November 2025 - 16:38

Се кратат парите за граѓанскиот сектор

Граѓанското општество во земјите од Западен балкан е на критична крстосница. Истражувањето на балканската мрежа за равој на граѓански организации од октомври годинава, открива намалување на буџетите кај донаторите кои финансираат проекти за заштита на демократијата и човековите права. Најголема штета, велат е направена со повлекувањето на американската УСАИД.

„Многу неочекуван удар, од нигде – никаде кој направи огромни турбуленции. Сега се наоѓаме во една ситуација во која не само што ја нема поддршката од УСАИД, туку Велика Британија, Холандија, Швајцарија – сите кратат на одреден начин пари кои се за секторот. Ќе мора и самиот сектор да направи промени во функционирањето“, изјави Ања Босилкова Антовска, Балканска мрежа за развој на граѓанско општество.

Во моментов, Европската унија е се уште најголем донатор за граѓанските организации, но заради сложена бирократија, тешко се стигнува до европските пари. Затоа, мрежата за развој препорачува наместо по големи и скапи проекти, организациите да се насочат кон проекти во кои активно се вклучени и граѓаните.

„Јакиот граѓански сектор е оној кој застанува зад вистината, правдата, функционирањето на институциите. Мора да имаме силен граѓански сектор, независен, кој ќе може да зборува за она што не функционира како што треба, кој ќе треба да ги обелоденува јавно сите несоодветни политики, мора да биде коректор на власта. Се додека имаме силен граѓански сектор, имаме еден коректор на власта кој нема да дозволи било која влада да прави она што сака без да се грижи доволно за граѓаните, без да биде транспарентна, без да биде отчетна“, вели Босилкова Антовска. 

Глобалните безбедносни ризици според балканската мрежа дополнително ќе ги скратат буџетите за невладиниот сектор. Пари на донаторите, се почесто завршуваат во Украина и проектите за безбедност и миграција.