Македонија
4. November 2025 - 16:38

Во купчето на сомнителни кардиохируршки интервенции и случаи од пред 15 години!

И операција направена пред 15 години во купчето на сомнителни случаи за кардиолошки и кардиохируршки интервенции. Интерната комисија формирана од Министерството за здравство ја разгледува медицинската документација и за овој случај покрај останатите триесетина и треба да утврдат дали пациентот без потреба бил на операциона маса.

Но засега и по неколку месеци од објавата на интервентниот кардиолог Сашко Кедев дека во приватни установи прават интервенции без потреба за профит, нема првичен извештај од проверените претставки.

-За повеќето пријави што стигнаа во Фондот тие беа парче хартија од пациенти што мораше да се помине прво цела административна обработка а потоа и медицинска. Така да процесот не е толку брз колку што сите  би сакале да биде бидејќи има повеќе фази на обработка на работите, вели Сашо Клековски, директор на Фонд за здравствено осигурување.

Според министерството за здравство, на Интерната комисија и останале уште 7-8 случаи кои треба да ги обработи а досега биле разгледани медицински истории кои беа доставени од Клиниките за кардиологија и кардиохирургија како и од пациенти. Иако најавени уште во летото, се уште ги нема тројцата странски експерти кои треба да се вклучат во истрагата.

-Јас имав онлајн средба со нив, во моментот кога ќе завршат официјално изборите ќе може и официјално процедурата да ја започнеме од Министерството за здравство. Знаете дека ние освен таа неформална комуникација сме немале формална со договор со официјална средба со нив, вели Азир Алиу, министер за здравство.

Надзор во 11 јавни и приватни здравствени установи во кои се вршат кардиолошки и кардиохируршки инервенции прави и Лекарската Комора. Треба да прегледаат 165 медицински документации по случаен избор за последните три години, како што од нив побара Министерството за здравство.