Над 60% од интернет корисниците во Македонија купуваат онлајн
Над 60% од интернет корисниците во Македонија купуваат онлајн. Земјава и Србија се издвојуваат со највисоки стапки на дигитална активност во Западен Балкан. Сепак, интернетот најмногу се користел за телефонирање, видеоповици и социјални мрежи, а помалку за праќање мејлови или електронско банкарство. Овие податоци беа презентирани на осмата конференција за е-трговија која денеска се одржа во Скопје.
„Македонија има само 19 отсто од компаниите да продаваат онлајн. Во просек само два проценти од компаниите од Западен Балкан користат алатки за вештачка интелегинција, за подобрување на работата и продуктивноста и во е-трговија исто така. Во Македонија само еден процент од компаниите користат алтаки за вештачка интелигенција “ - изјави претседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, Нина Ангеловска Станков.
Свое обраќање имаше и министерот за дигитална трансформација. Андоновски нагласи дека Владата го поддржува развојот на електронската трговија преку стратегии и намалена бирократија.
„Владата го поддржа првиот европски дигитален иновациски хаб кој претставува собир, колаж на приватниот сектор, академијата, стопанските комори и државата, а кој нуди услуги за тестирања, лаборатории, дигитална трансформација на малите и средните претпријатија, обуки за употреба на вештачка интелигенција, планови, како таа треба да се употребува во приватниот сектор“ – изјави Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација.
Конференцијата собра над 800 учесници, претприемачи, трговци и менаџери како од земјава, така и од Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Црна Гора, Бугарија, Грција и Хрватска.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
