Македонија
31. October 2025 - 16:28

За еден месец “Клексан” во аптека со рецепт

За еден месец познатиот лек за згрутчување на крвта Клексан ќе го има во аптеките со рецепт. Фондот за здравствено осигурување објави дека до крајот на ноември од болничка на аптекарска листа ќе има два антикоагуланси.

Илјадници пациенти нема повеќе да се мачат со бирократските процедури и да ја купуваат оваа терапија од свој цеб а потоа да бараат рефундирање на средствата. Следниот период ќе се знае и висината на партиципацијата откако надлежните ги завршат преговорите со дистрибутерите за можноста да нема и доплата на лекот.

-Граѓаните веќе не мора да се малтретираат по шалтерите на Фондот за да ги рефундираат средствата за овие лекови, ќе има полесен пристап до лековите, а ние ќе имаме помал протисок за работа и ќе можеме да се концентираме на други прашања, изјави Сапо Клековски, директор на Фонд за здравствено осигурување.

Од Фондот најавија дека на позитивната листа ќе има и други лекови против згрутчување на крвта откако ќе ги направат неопходните анализи. А паралелно со проширувањето на листата, работна група ги проверува и критериумите за бесплатно здравствено осигурување за да нема повеќе злоупотреби.

Најголем ризик е сивата економија каде граѓани остваруваат приходи надвор од трансакциска сметка и втората група се оние кои веќе не живеат во земјата, но имаат осигурување. И едните и другите се во групата на неосигурани по ниту еден основ каде има 477 000 граѓани.

-Можната штета тука е по две основи. Условно да кажам тоа е дека се оштетува буџетот бидејќи се обезбедува бесплатна здравствена заштита за луѓе кои што можат да си платат. И второ дека ние имаме број на осигуреници кој не е реален во основа , а ние ги исплаќаме капитациите за матични лекари врз основа на тој број, вели Клековски.

Во работната група, освен од Фондот има и претставници од УЈП и од министерствата за зџдравство и за финансии.