Loading Video...
Свет
28. October 2025 - 12:20

Преглед на вестите од светот

Силен земјотрес со јачина од 6.1 степен според Рихтеровата скала ја погоди провинцијата Баликесир во Турција. Земјотресот бил почувствуван во околните провинции, особено во Истанбул, Измир и Бурса. Само неколку минути по првиот потрес, истата област ја погоди уште еден земјотрес со јачина од 4.2 степени. Потресот е регистриран со епицентар во областа Синдирги.

Американскиот претседател Доналд Трамп се сретна со јапонската премиерка Санае Такаичи во Токио денеска, а потпишаа и рамковен договор за обезбедување снабдување со критични минерали и ретки земни елементи преку рударство и преработка, по билатералната средба во Токио. Трамп ќе се сретне со бизнис лидери во Токио, пред да отпатува во среда во Јужна Кореја. Тој се надева дека ќе склучи трговски договор меѓу двете најголеми економии во светот  САД и Кина. 

Во текот на вчерашниот ден спасувачките екипи користеа тешка механизација во Кан Јунис за да бараат останки за кои се верува дека се од израелските заложници. Хамас предаде тело во Газа, за кое се вели дека е на починат заложник и телото пристигна во израелскиот Национален центар за судска медицина во Тел Авив веднаш по полноќ во вторник. Доколку се потврди идентитетот на починатиот заложник, тоа би значело дека останките на 16 заложници остануваат во Газа, а палестинската милитантна група Хамас наведува пречки за нивно лоцирање во урнатините оставени од борбите.

Портпаролот на израелската влада во неделата изјави дека Хамас знае каде се телата и дека Израел дозволил влез на египетски технички тим кој ќе работи со Црвениот крст за да ги лоцира телата.

Ураганот „Мелиса“, кој се приближува кон Јамајка, ја достигна петтата, најсилна категорија на разорност и се очекува на оваа островска држава во Карипското Море да предизвика катастрофални поплави, одрони и штети.

Властите на Јамајка му наложија на населението да се евакуира, предупредувајќи дека времето за подготовки за ударот на стихијата „веќе е речиси истечено“, а центарот на главниот град Кингстон изгледаше пусто. Според медиумите, „Мелиса“ ќе биде најсилниот ураган што ќе го погоди островот од 1851 година, кога почнале мерењата од овој вид. Претходниот најкатастрофален ураган што ја погоди Јамајка беше „Гилберт“ во 1988 година, кој однесе 40 жртви.

Ветровите достигнаа и брзина од 282 км/ч. 

„Мелиса“ веќе однесе шест жртви на Карибите додека се приближува кон островот, каде се очкува да влезе во текот на денешниот ден. Инаку, не се очекува да стигне до бреговите на САД.