Македонија
21. October 2025 - 12:15

Неистражени средновековни тврдини

Во југоистокот има околу 20 средновековни тврдини, но малку од нив се истражени и заштитени

Најголемиот дел од средновековните тврдини во Македонија со децении стојат недоволно истражени, незаштитени и без никаква конкретна функција. Само во југоисточниот дел од државата постојат околу дваесет вакви утврдувања, кои претставуваат значајно историско и културно наследство, но досега истражувања се направени само на неколку од нив.

Археологот Душко Цветанов, автор на монографијата ,,Средновековните тврдини во Југоистокот,, порачува дека овие објекти се многу повеќе од археолошки остатоци ,  тие се живи сведоштва за историјата и затоа треба да им се посвети поголемо внимание.

Потребата за посериозна и поорганизирана заштита на културното наследство ја потенцира и универзитетскиот професор Виктор Лилчиќ Адамс, кој истакнува дека одговорноста не треба да ја има само државата, туку и општините на чија територија се наоѓаат овие средновековни утврдувања.

Професорот Лилчиќ Адамс нагласува дека општините треба поактивно да се вклучат во зачувувањето на културното наследство, користејќи не само домашни, туку и прекугранични фондови. Според него, општините треба стратешки да го искористат потенцијалот на овие средновековни тврдини и да ги вградат во своите долгорочни планови за одржлив локален развој и туризам.