Македонија
18. October 2025 - 16:35

Гласаат затворениците, болните и изнемоштени лица и оние сместени во установи за вонсемејна грижа

Ден пред официјалното гласање на осмите по ред локални избори, 2.162 затвореници или избирачи кои се во притвор го остваруваат своето избирачко право. Гласаат и болните и изнемоштени лица, како и оние сместени во установи за вонсемејна грижа. 

Најголемото избирачко место во казнено поправните установи, затворот Идризово навремено е отворено во 7 часот, а затворениците во групи се носат до гласачкото место 2536. 

- Гласањето започна во 7 часот, се одвива во најдобар ред, нема никаков проблем, велат од избирачкиот одбор. 

Со затворска легитимација и проверка со УВ ламба сите затвореници го остваруваат своето избирачко право, гласаат за градоначалници и совети на општините каде што се запишани.

Гласањето и во останатите 13 казнено поправни установи низ државата се одвива непрекинато.

Според ДИК, вкупно 8.848 болни или немоќни граѓани ќе го остварат своето избирачко право во текот на денешниот ден. 

Дополнително, 442 лица сместени во установи за вонсемејна грижа го користат своето право на глас во 13 центри низ Македонија.

Претседателот на ДИК , Борис Кондарко потврди дека гласањето во сите избирачки места се одвива непречено, а надминат е проблемот и со гласачките ливчиња во општина Ново Село. 

- Денеска гласачките кутии и пликовите од овие гласачи не се отвораат и нема да се објават како резултати. Тие се бројат утре по завршување на гласањето заедно со сите други ливчиња во соодветните избирачки одбори, вели Кондарко. 

На седница ДИК поништи една советничка лоста за Град Скопје, поради тоа што на истата имало починато лице уште од 2024-та. Со оглед на роковите и испечатените ливчиња, на оној што ќе гласа за таа листа, ливчето ќе му се смета за неважечко. Ќе достават известување и до ОЈО за да го испита случајот. 

Комисијата отфрли како неосновани и 7 приговори за остварување на гласачко право, а прифати 3.