Утврдени финалистите за наградата „Сахаров“ за 2025 година
Српските студенти организатори на протестите за промоција на владеењето на правото и борбата против корупцијата, затворените новинари Анджеј Поцобут од Белорусија и Мзија Амаглобели од Грузија и новинарите и хуманитарни работници во Палестина и сите конфликтни зони, се тројцата финалисти номинирани за наградата „Сахаров“ за слобода на мислата за 2025 година.
Одлуката за избор на тројцата финалисти од осумте предложени номинации беше донесена на денешното заедничко заседание на комитетите за надворешни работи и за развој на Европскиот парламент.
Изборот на добитникот на наградата „Сахаров“ за оваа година ќе го изврши Конференцијата на претседатели на Европскиот парламент, што ја сочинуваат претседателката на ЕП, Роберта Мецола и лидерите на пратеничките групи, по што тој ќе биде обелоденет на 23 октомври во рамки на парламентарната сесија во Стразбур.
Церемонијата за доделување на наградата „Сахаров“, која вклучува и паричен надомест од 50.000 евра, ќе се одржи на 16 декември оваа година во Стразбур.
Наградата, која е именувана по советскиот физичар и политички дисидент Андреј Сахаров, е највисокото признание на ЕУ во областа на човековите права. Таа се доделува на поединци, групи или организации како признание за нивната работа во поддршка на човековите права, слободата на изразување и демократските вредности.
Први добитници на наградата во 1988 година беа тогашниот лидер на борбата против апартхејдот и иден претседател на Јужна Африка, Нелсон Мандела и тогаш веќе покојниот советски дисидент, писател и борец за човекови права Анатолиј Марченко. Во изминативе децении лауреати на „Сахаров“ станаа повеќе дисиденти, политички лидери, новинари, адвокати, граѓански активисти и организации, меѓу кои и Обединетите нации и Репортери без граници.
Ново на Сител
-
Воена вежба „Junction City 2025“ на армискиот полигон Криволак
-
Утврдени финалистите за наградата „Сахаров“ за 2025 година
-
Светски ден на храната и 80 години од основањето на ФАО: Храната не е само потреба, туку и достоинство, здравје, иднина, култура и идентитет
-
Политико: ЕУ има пет години да се подготви за војна
-
Уште една измама со лажна сообраќајка, измамена 82-годишна скопјанка за сума од 4.000 евра
-
До сабота променливо облачно со повремен дожд
-
Топ-10 листа: Расте продажбата на теренци во Европа
-
Интернет користи 92,1 отсто од населението во земјава