Македонија
15. October 2025 - 16:33

Како ќе функционира „Везилка“

Вака изгледа еден од поголемите дата-центри за вештачка интелигенција во Соединетите Американски Држави. Во сопственост е на Мајкрософт, а чини околу 7 милијарди долари. 

Ваквите АИ фабрики годишно трошат околу 4% од вкупната потрошувачка на електрична енергија во САД. Трошат и огромни количини вода за ладење со оглед на тоа што ваквите системи загреваат многу. 

„Везилка“ – првиот Национален центар за вештачка интелигенција во Македонија ќе биде далеку поскромен од оние во сопственост на глобалните технолошки гиганти. 

Инфрасктруктурата ќе биде инсталирана во кругот на технолошките факултети во Скопје, кадешто се наоѓа и ФИНКИ. Дел од графичките картички ќе бидат сместени дел во т.н. сервер соба, дел во надворешен контејнер во кој исто така во моментов сместени се сервери кои ги користи факултетот. 

Но треба ли да стравуваме дека Националниот центар за вештачка интелигенција ќе ги „изеде“ ресурсите за струја и за вода?

- Во рамките на нашите податочни центри, тоа се работи за скромни ресурси коишто не прават потрошувачка од една зграда. Тоа е од ранг на неколку десетици киловати. Така што, не станува збор за голема инфраструктура. Верувам дека периодот на биткоини беше многу далеку поризичен за нашиот електро-енергетски систем отколку вештачката интелигенција, сега и во иднина, вели професорот Јакимовски.

Националниот центар во суштина ќе ги користи ресурсите на европската АИ фабрика „Фарос“ во Грција и токму таму ќе биде целиот притисок во однос на потрошувачката на енергија.

За професорите на ФИНКИ, развивањето на вештачка интелигенција не е новина. Таму веќе се развива ваква технологија, но поради скромната опрема таа главно се користи за тренинзи. Со изградбата на Националниот центар достапни ќе им бидат европските суперкомпјутери. А од тоа бенефит се очекува да има и академската заедница, но и јавната админситрација, стартапите и компаниите во државата.