Приведени 6 лица за тендерски малверзации во РЕК Битола
Шест лица се приведени под сомнение за злоупотреби тешки над 100 милиони денари во државната ЕСМ. Меѓу нив е и сопственикот на Марковски компани, фирма која до промената на власта лани, за помалку од 5 години инкасирала над 140 милиони евра од тендери во РЕК Битола.
Станува збор за Борче Марковски кој во последните 10тина години е и конзул на Белорусија во Македонија. Покрај него, приведени се и уште 4 технички директори од поранешното раководство на ЕСМ а дополнително се сомничат и уште 2 лица кои во моментов се под мерки на обезбедување бидејќи се дел од истраги за други дела во битолскиот енергетски комбинат.
Како што дознава Сител од извори во истрагата, Марковски земал 106 милиони денари за да демонтира, транспортира и монтира погонски станици од РЕК Осломеј во РЕК Битола. Марковски ја извршил демонтажата и транспортот но лентите за одлагање на ископини никогаш не биле монтирани во битолскиот енергетски комбинат.
Истрагата се сомнева и во потребата од оваа операција. Извори на Сител откриваат дека самиот рударски проект прецизно предвидувал транспорт на ископините со багери и камиони па се собираат докази со цел да се докаже дека распишувањето на тендерот единствено имал за цел да испумпа пари од државниот буџет.
Приведените во моментов се во полициска станица и се очекува најдоцна утре наутро да бидат изведени пред судија на претходна постапка.
„Марковски компани“ во последните пет години од државата има добиено најскапи тендери според цената на услугите и тоа често со непосредно спогодување. Анализите покажуваат дека оваа фирма за 5 години добила вкупно 66 тендери тешки 141 милиони евра, при тоа ангажирајќи за подизведувачи фирми кои се блиски со поранешното раководство на СДСМ.
Во ЕСМ се апсеше во повеќе наврати во последните година дена. Во декември лани во случајот Адитив беа приведени 29 лица меѓу кои и поранешниот директор Васко Ковачевски кој се уште е во бегство. Во мај годинава обвинтиелството поднесеобвиненија против уште 7 лица за наводни малверзации со тендери.
-
Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар