Застрелан носителот на листа на ДУИ во Липково
Ранет носителот на советничката листа на ДУИ во Липково. Маскирано лица пукало во д-р Зекирија Шаини додека тој се возел во автомобил. Од видеото на безбедносните камери се гледа како едно лице со качулка на глава и пиштол го чека автомобилот и пука директно во него.
Д-р Шаини е надвор од животна опасност велат од ургентниот центар во Скопје каде бил транспортиран од кумановската болница.
Според полицијата, во него пукале две лица кои се движеле по улицата. Инцидентот се случил на раскрсницата пред Општина Куманово, на 50-тина метри од кумановската полициска станица. Полицијата се уште трага по напаѓачот.
Од обвинителството веднаш излегле на терен, според нивните првични сознанија не станува збор за политичка пресметка.
„Се прибираат траги и материјални докази кои ќе бидат предмет на вештачење. Во пукањето е повредено едно лице, а по напаѓачот се трага. Првичните индиции не упатуваат на политички мотиви зад оружениот инцидент но сите околности се проверуваат. “
Од ДУИ го осудија нападот кон нивниот член и носител на советничката листа, нарекувајќи го варварски чин и побараа итна реакција од институциите. Од партијата за денеска ги стопираа дневните активности поврзани со кампањата и ги повикаа своите поддржувачи да не подлегнуваат на провокации.
„За среќа, неговиот живот е надвор од опасност и тој ја добива потребната медицинска нега. Остро го осудуваме овој варварски чин на насилство и бараме од Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство веднаш да реагираат – со целосна транспарентност и решителност – за да ги идентификуваат, уапсат и изведат пред лицето на правдата сторителите на овој атентат“
Од ВРЕДИ повикуваат на смиреност и предупредија случајот да не се користи за политички цели.
„Изразуваме длабоко жалење за настанот што се случи во Куманово, при што е повреден д-р Зекрија Шаини. Како коалиција, најостро ја осудуваме секоја форма на насилство и упатуваме апел за смиреност, воздржаност и почитување на надлежните институции кои треба целосно да го расветлат случајот“
Министерството за здравство остро го осуди вооружениот напад врз здравствени работници во кој ранет е пулмологот Шаини.
„Категорично го осудуваме нападот. Безбедноста на здравствените работници мора да биде гарантирана. Ќе преземеме конкретни мерки за унапредување на заштитата во соработка со здравствените установи и локалните власти“.
-
Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар