Македонија
6. October 2025 - 16:32

„Имаше експлозија и голема поплава“, сведочат граѓани за пукањето на водоводната цевка во Влае

Наноси од кал и песок и распарчен асфалт – вака изгледа улицата во Влае каде синоќа пукна водоводна цевка. Пукањето било толку силно што го кренало целиот асфалт околу цевката. Тоа ги вознемирило граѓаните кои живеат во околните куќи. Сведочат дека слушнале експлозија. Веднаш излегле да проверат, а надвор ги пречекала поплава.

„Експлозија имаше, силна експлозција, бевме принудени да излезе да видеме што се случи. Истовремено снема струја, ама струјата за кратко време дојде. Излеговме надвор, видовме, многу страшна работа. Цевката добро е што пукна од горна зона. Тоа излезе како фонтана. Ако пукнеше во долна зона или лево десно, таа знае да поткопа и како што е објектот овде можеше да направи голем кратер и да биде опасно и за самиот објект“.

„После 10 изгледа пукнала цевката. Внуката ми кажа дека пукнала цевка, тоа било страшно и го сликала. Поплава, многу. Отиде да ѕирне дали има вода, ѝ викам има вода, сабајле миев пиперки за ајварче, немаше проблем“.

Дефектот во Влае остави голем дел од Скопје без вода. По неколку часа вода дојде, но со намален притисок. Екипите на водовод од рано утринава работеа на санација. Колку време ќе им треба за поправка засега не се знае. Од јавното претпријатие соопштија само како, според нив, дошло до хаваријата.

„Поради повеќе краткотрајни прекини на снабдување со електричната енергија во регионот кај бунарите на Лепенец предизвикана е варијација на притисокот на пумпниот систем од бунарите кон градскиот цевковод од каде се дополнува водоснабдителниот систем. Како резултат на прекините на мрежата на електрична енергија, настанати се два дефекти истовремено на главната водоводна линија Ф-600, како и дефект во шахта на Ф-400 на еден од бунарите“, велат од Водовод.

Електродистрибуција во целост ги отфрли како невистинити тврдењата на Водовод. Оттаму велат дека напојувањето е согласно пропишаните стандарди и не се регистрирани никакви отстапувања. Имало дефект на кабел меѓу трафостаниците Влае 1 и 2, но е поправен уште пред 21 часот, а прекинот на водоснабдувањето настанал после цел час, велат од Електродистрибуција.

Ова е вторпат во 10 месеци голем дел од Скопје да остане без вода. Лани во декември беше затворен главниот цевковод, исто така поради дефект.