Балкан
6. October 2025 - 12:43

Репортажа: Една поинаква мистична Турција - Низ срцето на Анадолија со богатства под заштита на УНЕСКО

Се будиш во Турција што не е туристички постер од Медитеранот или полн базар во Истанбул. Ова е една поинаква, мистична Турција — среде висорамнините на Анадолија, каде тишината ја прекинува само ветерот, а камените гробници, стари повеќе од две илјади години, ѕиркаат како пазители на времето. На оваа рута, УНЕСКО не е само печат на хартија, туку глас што нè води низ живи и древни цивилизации во Анкара, Ескишехир, Афион и Кутахја.

Анкара — град на вечна трансформација

Градот што денес е модерна престолнина некогаш бил живо археолошко платно на Фригијци, Персијци и Римјани. Анкара не се фали со морски бранови, туку со камени приказни.

Аниткабир, мавзолејот на Ататурк со широк плоштад, камени лавови и монументални колонади, е национален храм на модерна Турција со што му оддава почит на својот татко-основач Мустафа Кемал Ататурк. За време на празници оваа локација ја посетуваат над 1 милион луѓе.

Музејот на анадолските цивилизации е време-машина што ве враќа назад во бронзата и железото. Ќе видите хетитски плочи, фригиски накит и римски мозаик, сите собрани во еден музеј што заслужено беше прогласен за најдобар во Европа во 1997 година и е неизбежен за секој кој сака да види колку е длабок и континуиран животот во оваа земја. 

На само неколку чекори се наоѓа Арсланхане џамијата, која со своите дрвени столбови од 13 век , денес е впишана на списокот на УНЕСКО од 2023 година.

Во покраината Анкара, на ридовите на Гордион, живееше легендата за кралот Мида. Денес таму стојат најстарите дрвени конструкции во светот, гробници од земја и приказни што се раскажуваат низ секој камен. Локалитетот сеуште го истражуваат американски и домашни археолози.

Ескишехир - шарени дрвени куќи и живи занаети (Одуппазари)

Ескишехир е нешто сосема различно. Модерен и младешки град со универзитети и студенти, но и со една стара душа во Одунпазари. Улиците со шарени куќи делуваат како да сте влегле во турски роман од 19 век.

Не случајно, овој кварт е на списокот на светско наследство на УНЕСКО. Со дрвените балкони и тесните улички, Одунпазари е жив музеј под отворено небо, но и сцена каде модерното и традиционалното се спојуваат. А најдобро од сè: кога ќе се изморите од шетање, локалните ќе ве почестат со чај, а потоа ќе ве научат како да се чита иднината во кафе.

Афион — градот што мириса на локум и топла вода

Афионкара­хисар е град каде каменот и вкусот одат рака под рака. Од едната страна се издига замокот на врвот на вулканска карпа, од другата страна се термалните извори што со векови лекувале уморни патници.

Афион е УНЕСКО креативен град на гастрономијата од 2019 година. Ќе го сфатите тоа со првиот залак: кајмакот е кремест како облак, локумот е како меко сонце во уста, а суџукот има вкус на традиција. Градот умее да ве нахрани, но и да ве воведе во историја. За време на престојот (20 септември) се одржуваше и гастрономскиот фестивал (еден од четирите) вакви фестивали во Турција. Овој град е познат и по своите термални води и луксузните хотели кои нудат спа туризам со топли термални води.

Во музејот на Афион ќе ја допрете археологијата од бакарното време до Византија.

Во Афион е и џамијата Улу, со дрвени столбови — уникатен пример на селџучка архитектура што од 2023 година е впишан на УНЕСКО листата.

Кутахја - плочки, занаети и антички трагедии

Во близина на Кутахја се наоѓа антички град, со храм посветен на Зевс и редок спој од театар и стадион во еден комплекс. Овој град, запишан на листата на светско наследство на УНЕСКО, е доказ дека времето може да мине, но културите остануваат во камен.

Зошто ова патување е мистично?

Бидејќи во само неколку дена се движите од фригиските гробници до модерни библиотеки, од дрвени џамии до керамички плочки, од камените улици на Одунпазари до вкусот на локумот во Афион.

Меѓу џамии од 13 век, фригиски тумули, антички театри и керамички работилници – патувањето изгледа како да шетате низ времеплов: од османлиски чаршии до римски храмови, од модерна република до митови за златен допир.

Турција има над 19.000 археолошки локалитети. Но, овие четири града во срцето на Анадолија се нејзината тивка, автентична душа — далеку од стереотипот, но блиску до суштината. Ова не е Турција од разгледниците, ова е Турција што се доживува со тишина, со чекори низ антички патеки и со приказни што се впишани во камен. УНЕСКО тука не е формалност, туку водич што ви шепоти: чувај го, запомни го, пренеси го.

Ваква прилика имаа осум новинари од Македонија, Србија, Бугарија и Романија во организација на Министерството за туризам и култура на Турција и Агенцијата за промоција и развој на туризмот во Турција (TGA).

Александар Динев