Преглед на вестите од светот
Три лица загинаа во поплави кои го зафатија бугарското одморалиште Елените. Силното невреме проследено со пороен дожд, улиците ги претворил во реки кои носат се пред себе. Според надлежните, на некои места наврнале и над 400 литри на метар квадратен, па водата оставила пустош зад себе. Урнати се мостови, поплавени се бројни објекти, целосно е уништена и патната инфраструктура. Заради поплавите, биле евакуирани над 200 лица, додека повеќе од 100 побарале лекарска помош.
Во расчистување на штетите вклучена е армијата. Прогласена е и делумна вонредна состојба во регионот на Бургас која ќе биде активна до понеделник. Властите стравуваат од можно зголемување на бројот на жртви по расчистување на поплавените објекти.
Претседателот Доналд Трамп му порача на Израел веднаш да престане со бомбардирањето на Газа откако Хамас се согласи веднаш да ги ослободи сите преостанати израелски заложници, и живи и мртви, како и Газа да биде управувана од технократи.
Хамас вели дека се согласил да ги ослободи сите преостанати израелски заложници, но бара понатамошни преговори за голем број прашања наведени во мировниот план на САД за Газа.
Канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека Израел се подготвува за итна имплементација на првата фаза од планот на Трамп за Газа, за ослободување на израелските заложници по одговорот на Хамас.
Најмалку 30 лица се повредени при руски напад со дронови врз железничка станица во северниот регион Суми во Украина, соопшти претседателот Володимир Зеленски. Меѓу повредените има патници и железнички работници на станицата, а според украинскиот претседател, Русите не може да не знаеле дека напаѓаат цивили.
Украинските власти тврдат дека имало два напада на станицата. Еден руски дрон погодил локомотива, а вториот удрил додека се вршела евакуација на луѓето. Овој инцидент се случи по само еден ден од нападите кои властите ги опишаа како најголем удар врз украинските постројки за природен гас од почетокот на војната.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар