Советниците на Град Скопје ја завршија последната седница за нецели 5 минути и заминаа на коктел
Советниците на Град Скопје без желба за дебата ја одржаа последната седница во овој состав. На дневен ред имаше една точка за давање согласност за формирање помали паралелки во средните училишта.
Ниту еден од советниците не предложи ништо друго, иако додека седеа внатре, надвор на истата улица протестираа вработените во фирмите ќерки на Паркови и зеленило бидејќи немаат плата. Не беа расположени да дискутираат ниту за проблемот со несобраното ѓубре.
Советниците кои во изминатите 4 години ретко кога се сложуваа, денеска сложно ја завршија последната седница за нецели 5 минути и заминаа на коктел.
„Да ви се заблагодарам што се обидувавме да наоѓаме решенија за градот, да ги решаваме проблемите. Но, за жал, барем јас така чувствувам, не сум горд на моите изминати четири години. Дали заслужуваме или не, не знам, но поканети сме на мала закуска во фоајето“ – изјави Страшо Ангеловски, претседател на советот на Град Скопје.
Градоначалничката Арсовска во цел мандат ретко беше присутна на седниците на советот, а не се појави ниту денеска. Речиси никогаш не одеше на советнички прашања, а на говорница најчесто излегуваше за да се скара со советниците на ВМРО-ДПМНЕ.
Најсилен впечаток кај јавноста остави метафората за наводни малверзации околу тендерот за пречистителната станица.
„Како до вчера бев најдобриот градоначалник на Скопје, а од кога ви го фатив директорчето за рачето во медот, сега одеднаш не чинам“ - изјави Данела Арсовска, градоначалничка на Град Скопје.
Тензиите отидоа дотаму што Арсовска викна полиција и го пријави тогашниот претседател Славески дека го украл микрофонот.
„Прво го кршите уставот, второ сте ситен лопов и сте човек којшто краде. Тој микрофон е сопственост на Градот Скопје“ – изјави Данела Арсовска, градоначалничка на Град Скопје.
Во изминатите 4 години се одржаа 67 редовни и 20 вонредни седници на советот. Итно се собираа откако ЈСП првпат во историјата престана да вози бидејќи вработените немаа плати, за штрајкот во Комунална, приватните превозници.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар