Почна судењето за поранешната претседателка на Антикорупциска
Поранешната претседателка на Антикорупциска седна во обвинителна клупа. На Татјана Димитровска и се суди за оддавање службена тајна, како и компјутерски криминал бидејќи во нејзино име друг го полагал тестот за сертификат за „државна тајна“. Доказите за двете кривични дела, беа пронајдени во нејзиниот мобилен телефон. Од јавното обвинителство велат дека се уште траел процесот на проверка на мобилниот на Димитровска, а дел од податоците откривале сомнежи и за други кривични дела.
„Имајќи предвид дека се работи за околу 250 илјади електронски записи од телефонот на претседателката, меѓутоа сакам да ве известам дека заедно со колегата паралелно додека се врши анализата на податоците од телефонот, Јавното обвинителство презема и други дејствија, како прибавување на потребни податоци од сите надлежни институции и сослушување на сведоци по однос на одредени индиции коишто произлегуваат од овие податоци“, изјави Наташа Поп Трајкова, Јавен обвинител во ОЈО ГОКК.
Димитровска одговара за оддавање информации на Небојша Стојановиќ за кој антикорупциска водела предмет, а подоцна беше обвинет во предметот „Адитив“. Според обвинението, екс антикорупционерката не го полагала ниту тестот за сертификат за државна тајна. Тоа во нејзино име го направил ревизорот Миле Столевски, па и тој е обвинет за компјутерски фалсификат. Одбраната очекува ослободителна пресуда. Информациите споделени од Димитровска смета дека не биле службена тајна, туку јавни кои се говореле на седници, а сертификатот за државна тајна не се добивал од електронскиот текст туку според проценката на Ангенцијата за национална безбедност.
Во случајот ќе и се суди и на раководителката од ТЕЦ Неготино, Билјана Петровска Мантева, додека постапката за Борче Најдов ќе продолжи во склоп на случајот Адитив. Обвинителството бараше спојување со тој предмет и за другите обвинети, но судот го одби предлогот. На крајот на идниот месец на подготвително судско рочиште ќе се анализираат доказите по што ќе биде закажан и официјалниот старт на судењето за Димитровска и останатите обвинети.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар