Македонија
30. September 2025 - 16:34

СУТКОЗ утре ќе го блокира цело Скопје бидејќи вработените во Паркови и зеленило, Флораком и Луна немаат плата

Вработените во Паркови и зеленило, заедно со нивните колеги од Флораком и Луна утре ќе го блокираат цело Скопје, ако и денеска не добијат плата.

На денешниот протест испратија последно предупредување за исплата на платата за август. Доколку тоа не се случи, утре од 10 до 12 часот ќе го блокираат мостот Гоце Делчев, како и булеварите Илинден и Партизански одреди.

Првиот човек на СУТКОЗ однапред им се извини на граѓаните за сообраќајниот хаос кој би настанал заради блокадите, но замоли за разбирање, бидејќи, како што рече, над 650 работници, освен што немаат плата, од утре ќе останат и без здравствено осигурување.

Од страна на Град Скопје е префрлена одредена сума на пари. Таа е моментално трезор, некаде по нашите информации околу 23 милиони денари, меѓутоа се уште недостигаат пари за исплата на августовската плата, некаде околу 25 милиони денари. Тоа е сума којашто е потребна само за исплата на платите во ЈП Паркови и зеленилоСкопје. Покрај оваа сума се потребни дополнителни средства за исплата на плата во ДООЕЛ-ите Флораком и Луна“ Стојанче Кашиковски, претседател на СУТКОЗ

Кашиковски предупредува дека претпријатието се наоѓа во тешка финансиска состојба и нема пари ниту за извршување на основните функции.

Во август вработените во Флораком и Луна протестираа четири пати и дури при крајот на месецот земаа плата за јули.