Од 25 повредени велосипедисти и возачи на тротинет во Југоистокот само едно лице носело заштитна опрема
Само едно од 25 лица кои оваа година биле повредени во сообраќајни несреќи со велосипеди и електрични тротинети на подрачјето на СВР Струмица носело заштитна опрема во моментот на несреќата.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи, во периодот од 1 јануари до 19 септември годинава, на подрачјата што ги покриваат полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Струмица, како и полициските одделенија во Радовиш, Гевгелија и Валандово, биле регистрирани 23 сообраќајни несреќи во кои учествувале велосипедисти и возачи на електрични тротинети.
За среќа, во ниту еден од случаите нема загинати.
Во текот на годината, СВР Струмица реализирале четири засилени акциски контроли насочени кон оваа категорија учесници во сообраќајот. Санкционирани се шест возачи на електрични тротинети, главно поради прекршувања на сообраќајните правила.
Сепак, од полицијата укажуваат дека, освен контролата, клучна е и личната одговорност, особено кога станува збор за користење заштитна опрема.
Податоците на Републичкиот совет за безбедност на патиштата покажуваат дека носењето кацига може да спречи до 75% од тешките повреди на главата, а Светската здравствена организација наведува дека велосипедистите со шлем имаат 48% помал ризик од повреди на главата и 60% помал ризик од повреди на мозокот.
Ризикот од смртен исход е речиси трипати поголем кај оние без заштита.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар