Екологистите бараат крај на палењето стрништа и пластика и системски решенија
Наместо да ги палат, земјоделците треба да ги заоруваат стрништата, апелираат екологистите. Оваа штетна пракса не само што ја нарушува плодноста на почвата, туку сериозно го зголемува ризикот од пожари, кои често излегуваат од контрола и предизвикуваат значителна материјална и еколошка штета.
Од здружението „Планетум“ од Струмица предупредуваат дека ваквите појави претставуваат сериозна закана за локалната животна средина. Препорачуваат, палењето да се замени со одржливи и еколошки прифатливи методи, како што се заорување или компостирање на органскиот отпад.
Но, палењето на стрништа не е единствениот проблем. Екологистите предупредуваат дека се почесто се палат и остатоци од стара пластика и материјали од пластениците, што дополнително ја загадува животната средина.
Затоа сметаат дека е неопходно системско решение и поголема поддршка од државата, бидејќи без функционален систем, земјоделците често немаат друга опција освен да ја палат.
Од еколошкото здружение „Планетум“ решението го гледаат и во поголема едукација, која според нив е клучна не само за спречување на палењето, туку и за градење свест за долгорочните придобивки од одговорно и одржливо управување со земјиштето.
Дополнително, таквата свест е важна и за намалување на бројот на диви депонии и честите пожари што избувнуваат на нив.
Податоците го потврдуваат овој тренд. Само во струмичкиот регион, од почетокот на годината, пожарникарите интервенирале на околу 240 пожари на отворен простор. Најголемиот број се диви депонии, а дел од интервенциите се однесувале на запалени стрништа.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар