Македонија
26. September 2025 - 12:30

Владата инвестира 198 милиони денари за довршување на театарот во Струмица

После седум години застој, изградбата на стариот струмички театар конечно продолжува.

Ова го најавија премиерот Христијан Мицкоски и министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кои извршија увид во активностите на терен.

За довршување на проектот, чија изградба започна пред 11 години, Владата и Министерството за култура и туризам обезбедиле 198 милиони денари, односно околу 3,5 милиони евра. За реализација на градежните работи веќе е избран и нов изведувач.

Според најавите, реконструкцијата на театарот треба да заврши до крајот на следната година. Проектот започна уште во 2014 година, но неговата реализација беше повеќепати прекинувана и одложувана.

Сега, со новото финансирање и ревидиран план, се очекува конечно завршување на објектот.

Зградата на струмичкиот театар, каде што работел првиот професионален театар во Источна Македонија, е изградена во 1949 година и била во функција сѐ до 1979 година.