Македонија
22. March 2016 - 8:26

Конференција посветена на борбата против корупцијата

„Ефикасна борба против високата корупција: прашање на личност или на систем“ е темата на конференцијата која денеска ќе се одржи во Скопје на која ќе се дебатира за непристрасност, интегритет и ефикасност во борбата против корупцијата на високо ниво, како и за индивидуалната наспроти колективната одговорност во борбата против корупцијата.

На конференцијата ќе зборуваат Лаура Кодрута Ковеси, главен обвинител во Националниот директорат за антикорупција во Романија и Катица Јанева, јавен обвинител во Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите. Тие ќе дебатираат на тема непристрасност, интегритет и ефикасност во борбата против корупцијата на високо ниво.

На отворањето на оваа конференција, меѓудругите треба да се обратат амбасадорот на САД Џес Бејли, министерот за правда Аднан Јашари и првиот извршен директор на МЦМС, Александар Кржаловски.

Јоана Авадини, извршен директот на Центарот за независно новинарство од Романија, Руслан Стефанов, директор на економската програма, Центар за изучување на демократијата од Бугарија, и Слаѓана Тасева, претседател на Транспаренси Интернационал, Македонија ќе зборуваат во попладневната сесија за индивидуалната наспроти колективната одговорност во борбата против корупцијата.