Македонија
19. September 2025 - 16:27

За време на семинар се затруле со храна во ресторан во Куманово

Отишле на семинар од фирма, јаделе во ресторан и се затруле со храна. Кумановскиот центар за јавно здравје вчера пријави епидемија за 6 заболени од кои двајца хоспитализирани, тројца во дневна болница и еден на домашно лекување. 

Затруените, според информациите од Центарот за јавно здравје во Куманово, симптомите ги развиле во вечерните часови на 11 септември неколку часа по консумирање на храната. 

По консумирање на храната во надворешниот простор на гостилницата во вечерните часови на 11 септември, симптомите на труење со храна ги развивале по четири до 16 часа со обилни повраќања, зачестени воденести столици, малаксалост ,температура до 41 степен, треска, болки и грчеви во стомак и главоболка, изјави Херолинд Сакипи, директор на Центар за јавно здравје Куманово. 

Ресторанот е затворен а претходно биле земени мостри и брисеви за микробиолошки анализи од страна на Државниот санитарен инспекторат и Агенцијата за храна и ветеринарство. До добивање на негативни резултати од испитуваните материјали, нема да биде достапен за гости.