Во Прилеп одбележани 83 години од Дабничкиот масакр
Во Прилеп се одбележаа 83 години од Дабничкиот масакр, кога на 19 септември 1942 година, ѕверски, после повеќе дневно крајно нечовечко мачење во прилепските касарни беа убиени 19 мина партизани од селото Дабница и Прилеп од страна на бугарскиот фашистички окупатор.
Но денес овој споменик со години е крајно запоставен, целиот предел околу него е огромна дива депонија и главното место каде несовесните граѓани од населбата Тризла палат кабли и гуми. Овој куп гуми веќе е подготвен за палење, се чека моментот кога нема да има тука никој. Сојузот на борци упатува апел да имаме поголема почит кон историјата и кон луѓето кои се вградиле во темелите на државата.
„Да обрнат внимание на овој период од историјата на македонскиот народ, бидејќи во текот на Втората светска војна се родила македонската држава. На таков начин се остварил сонот на многу борбени генерации кои во минатото преку буни и востанија се стремеле за своја држава. Оваа борбена генерација од 41ва до 44та го остварила вековниот сон на тие борци и затоа ние денес мораме да се грижиме за придобивките од народноослободителната борба, слободата, државноста, она за што се бореле борците, партизание и за она што мечтаеле многу борбени генерации“, истакна Рубин Белчески, историчар и претседател на Сојуз на борци на Македонија.
Партизаните од Прилеп биле донесени на ова место и стрелани. А потоа со бајонети прободени нивните тела за да никој не остане жив. Но Петко Велкоски, останува жив под загинатите тела и го посведочува настанот.
„Не знам колку се изучува во историјата сега оваа Дабница, овде нѐ носеа како ученици нас, сигурно памтите рака за рака од сите училишта, овде имаше приредби. Споменикот беше подолу лоциран, на самото место на стрелање, нѐ носеа сите ученици, приредби, песни, говори, потоа изумре. Зошто денес да нема тука ученици, зошто нема некој рецитал? Е тогаш и младите како нас ќе пренесуваат дека нѐ носеа во Дабница, бевме таму. Но ние сите сме само на одминување, само на зборови, а треба живи сведоци, живи сведоци од тие настани, живи сведоци и од овие настани“, рече Киро Бешироски, претседател на Здружение „Партизанска Дабница 1942“.
Инаку овој споменик беше возобновен во 2019 година, по повод 3-ти ноември Денот на конечното ослободување на Прилеп, после цели 17 години откако беше уништен, но за жал брзо потоа истиот беше повторно скршен.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар