Европа гори: Загинати, повредени и масовни евакуации
Шумски пожари беснеат низ цела Европа. Илјадници луѓе се принудени да ги напуштат своите домови, додека пожарникарите и армијата се борат со високите температури, силните ветрови и сувото време.
Црна Гора се соочува со сериозни пожари на повеќе локации. Најкритично останува во околината на Подгорица.
Иако пожарите вчера беа привремено ставени под контрола, вечерта повторно се разгореа, зафаќајќи голема површина во областа на Куча.
Еден црногорски војник загина, откако цистерна со вода се превртела на стрмен пат. Друг војник е тешко повреден и хоспитализиран. Поради трагедијата, утре е прогласен за Ден на жалост. Во гаснењето на пожарите во Црна Гора учествува и помош од странство.
Во Грција, пожарите зафатија области околу градот Патрас, принудувајќи евакуација на најмалку 25 населби. Огнот уништи маслинови насади, домови и фабрики, а индустриската зона беше покриена од чад.
„Како изгледа? Изгледа како суден ден. Дојдовме од Атина со нашето волонтерско здружение, не можеме ништо повеќе да направиме. Нека ни е на помош Бог и на луѓето овде“, изјави волонтерот Ѓоргос Караванис.
Пожари избувнаа и на островите Хиос и Закинтос, како и на четири други места во внатрешноста на земјата, каде што над 4.800 пожарникари и 33 авиони се борат со огнената стихија.
Во Албанија, пожарот стигна до градот Делвина. Распоредени се дополнителни пожарникари од соседните градови. Жителите опишуваат невидено сценарио.
„Навистина сме исплашени, бидејќи куќите се палат, а луѓето мора да живеат надвор. Многу куќи беа изгорени во градот“, рече жител на Делвина.
Властите наредија евакуација, а армиски сили се приклучија на гаснењето.
Изминатата недела, пожари изгореа големи површини шума и обработливо земјиште низ цела Албанија. Во јужна Шпанија, околу 2.000 туристи и жители беа евакуирани во привремени засолништа, додека пожарникарите обезбедуваат периметар околу пожарот.
„Пристигнавме на плажата и пред кратко време ја евакуираа, моравме да одиме во Барбате. Полицијата координираше сè“, вели Хулија, туристка од Касерес.
Во северозападниот регион Галиција, пожарот веќе уништил речиси 3.500 хектари, а жителите со болка ги гледаат ридовите во пламен.
„Многу ми е жал, има многу животни кои ќе изгорат, а никој не може да ги спаси“, вели 70-годишната Мари Кармен.
Повеќе од 5 илјади луѓе се евакуирани во регионите Кастиља и Леон. Загина 35-годишен волонтер кој се обидувал да создаде заштитни коридори, откако пламените јазици го опколиле. Неколку лица се повредени, а шест големи пожари сè уште се надвор од контрола.
И во Турција се уште гори на неколку локации. Службите успеаја да го стават под контрола големиот пожар во Чанаккале, кој принуди стотици жители да ги напуштат своите домови.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар