Loading Video...
Свет
7. August 2025 - 16:30

Преглед на вестите од светот

Путин и Трамп ќе се сретнат следните денови, соопшти денеска Кремљ. Ова ќе биде прва средба меѓу лидерите на двете земји по руската инвазија на Украина во обид да се постигне крај на војната. Помошникот на рускиот претседател, Јуриј Ушаков, изјави дека местото на средбата е договорено, но ќе биде објавено подоцна.

Сега започнуваме, со нашите американски колеги, со конкретните подготовки заедно за аспектите на овој состанок, како и за неговата локација. Патем, ќе напоменам дека локацијата е договорена во принцип. Ќе информираме за тоа подоцна“ Јури Ушаков, помошник на Путин

По најавите за средба, Русите се оптимисти, а Украинците песимисти.

Се чувствувам позитивно во врска со тоа. Сепак, потребни се разговори. Без преговори нема да има резултат“ Русин

Не му верувам на Путин, па затоа мислам дека оваа средба нема да биде сериозна од негова страна. Тој никогаш нема да склучи мир. Му е потребна Украина, сака да ја освои, па затоа мислам дека ништо добро нема да произлезе од оваа средба“ - Украинка

Најавата за средба меѓу лидерите доаѓа ден откако претставникот на Трамп, Виткоф, разговараше со Путин. Трамп се закани со нови санкции против Русија и земјите што купуваат нејзин извоз доколку не се постигне договор.

Франција се бори да го локализира најголемиот шумски пожар во последните 80 години. Огнот кој изби во вторникот попладне се прошири многу брзо низ шуми и села. Едно лице загина, а изгорени се најмалку 25 куќи. Досега опожарени се повеќе од 15.000 хектари. Околу 2.500 домаќинства во регионот се без електрична енергија. 2.000 пожарникари се обидуваат пожарот да го стават под контрола. Надлежните рекоа дека е во тек истрага за да се открие што го предизвикало пожарот.

Повеќе од 100 лица се водат како исчезнати, а најмалку четворица загинаа по катастрофалните поплави во северната индиска држава Утаракханд. Десетици домови се однесени од поплавите. Спасувачките операции се во тек откако огромен бран вода се спушти кон селото Дарали. Индиската армија соопшти дека 70 лица биле спасени на безбедно место. Метеоролозите предупредуваат дека обилните дождови ќе продолжат во наредните неколку дена.