Македонија
5. August 2025 - 16:33

Статус Кво ситуацијата со скапо купените акцелератори за зрачна терапија, по една деценија се уште не се во функција

Ништо од ланските најави на здравствените власти дека скапо купените акцелератори за зрачна терапија наменети за битолската и болницата 8-ми септември ќе бидат во функција на онколошките пациенти.

За апаратот, пак за штипската болница платен 2 милиони евра, кој повеќе од 10 години стои спакуван во складиште во Скопје е неизвесно дали ќе биде вратен на компанијата од каде е направена набавката или ќе заврши на отпад.

Милионски вредните апарати беа промовирани од неколку влади и министри, но освен сликање и ветувања, во пракса се е исто како и пред една деценија.

-Станува збор за сложен процес на кој интензивно се работи, паралелно со дисперзијата на онколошката дејност и таблетарната терапија во повеќе градови низ државата. Во КБ Штип за да се стави во функција акцелераторот потребно е да се завршат градежните работи за изградба на бункерот. Во ГОБ 8 Септември и во КБ Битола се работи на обезбедување CT симулатори, инаку во КБ Битола е инсталиран акцелераторот и направени се сите проверки, а во ГОБ 8 Септември е во финална фаза постапката за добивање дозвола од Дирекцијата за радијациона сигурност, ни одговорија од МЗ.

Кога минатата година дојде на функцијата министер за здравство, Арбен Таравари неколкупати јавно ветуваше дека ќе прави контроли а акцелераторите, освен оној за штипската болница, кај и да е ќе почнат со работа. Дури за тој во ГОБ 8-ми септември даде и временски рок кога ќе биде во функција

-За акцелераторот ни треба време, најмалку околу три месеци за да се направат одредени контроли од специјалисти по таа област, да ни кажат што недостасува и што треба да се инвестира.Не би рекол дека пред шест месеци би можеле да го ставиме во функција акцелераторот, изјави Арбен Таравари.

За акцелераторот во Штип, во далечната 2014 во времето на Никола Тодоров почна и копање на бункер за апаратот. Но сега е обраснато со трева и воопшто не личи на место за инсталирање на софистициран апарат за зрачна терапија.

Инаку за набавката на трите акцелератори кои се уште не се во функција беа потрошени повеќе од 8 милиони евра.