Македонија
1. August 2025 - 11:14

Обвинение за возачот кој возејќи со слепило со 99% намалена видна функција усмрти пешак минатата година

Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе обвинителен акт против лицето кое, управувајќи товарно возило без важечка возачка дозвола и со утврдена попреченост слепило, удри пешак на регионалниот пат ПепелиштеНеготино, при што пешакот подлегна на повредите. Лицето се товари за тешки дела против безбедноста во сообраќајот.

Како што соопштуваат од Јавното обвинителство, обвинетиот на 3 декември 2024 година на регионалниот пат Р1103, делница ПепелиштеНеготино управувал товарно моторно возило Ситроен Џампер“ со истечена возачка дозвола и покрај тоа што имал утврдена попреченост слепило со 99% намалена видна функција.

На критичното место викано Лаки“, со ретровизорот удрил во главата на пешакот Ангелина Ангелова, која била отфрлена од патот и кај која биле предизвикани тешки телесни повреди скршување на черепот, вратни пршлени и повеќе коски од кои починала.

Кај оштетената, дополнуваат, исто така е утврден одреден пропуст бидејќи имала можност визуелно да го забележи товарното возило и навреме да го избегне, но тој пропуст е од секундарен карактер согласно извршеното вештачење.

Во текот на истрагата, обвинителството утврдило дека обвинетиот бил корисник на инвалидска пензија и додаток за попреченост, но сепак управувал со возило и успеал да ја продолжи возачката дозвола за време на истражната постапка.

Оттаму побарале проверка на начинот на стекнување на возачката дозвола и инвалидската пензија, како и на веродостојноста на медицинската документација.

 

МИА