Османи: Автономијата во одлучувањето е духот на Охридскиот договор
Бујар Османи мислел на Охридскиот рамковен договор кога во интервју за албански медиуми зборувал за автономија во одлучувањето на етничките Албанци во Македонија. Објаснувањето го објави на социјалните мрежи откако претходно наиде на силни критики на Министерот за надворешни работи кој неговите тези ги нарече опасни за унитарниот карактер на државата
„Ние сме се договориле дека на основ на граѓанските индивидуални права, ќе изградиме систем, со механизми и процедури, со кои ќе ги негуваме и унапредуваме и колективните права на заедниците. Оттаму е и правото на немнозинските заедниците автономно да ги избираат свои легитимни претставници, и тоа да биде општествено вреднувано и почитувано. Вистинското вреднување на овој механизам не ја загрозува, туку ја зајакнува внатрешната кохезија како основно врзивно ткиво на унитарноста на државата.“ – напиша Османи на социјалните мрежи
Најголем проблем за Османи е тоа што не е на власт, врати Муцунски претпладнево
„Османи беше дел од власт во која Македонците беа малцинство – и тоа не му пречеше. Напротив, одлуки се носеа и во Владата и во Собранието без македонско мнозинство – и сè беше во ред, демократски, европски.
Но денес, кога постои јасно демократско мнозинство, кога народот – независно од етничка или било каква друга припадност – избра промени, тоа (според него) станува „проблем за соживот“.
За Османи, проблемот не е во моделот – проблемот е што ДУИ повеќе не е на масата.“ – напиша Муцунски.
Позициите на ДУИ дека Албанците немаат легитимен претставник во власта се нивна главна реторика уште од првиот момент кога заминаа во опозиција. За очекување е тоа да биде главен фокус и во кампањата на Османи кој од минатата недела и официјално е кандидат на ДУИ за градоначалник на Чаир. Токму оваа општина се очекува да биде жешка точка на есенските избори, за што говори и најавата дека Вреди во таа битка ќе го пушти Изет Меџити.
Аналитичарите очекуваат резултатите од локалните избори во албанскиот блок да бидат пресудни за евентуални предвремени парламентарни избори на пролет.
-
Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар