Македонија
20. July 2025 - 16:27

Зголемена потрошувачка на вода во Струмица, 195 литри се трошат во секунда

Со зголемувањето на температурите, значително се зголеми и потрошувачката на вода во Струмица. Вообичаениот дневен просек од околу 450 кубни метри на час, во последните дваесетина дена порасна на 700 кубици, или околу  195 литри вода во секунда.

За јавното претпријатие Комуналец  ова зголемување е очекувано поради топлотниот бран, но додаваат дека и годинава повторно се соочуваат со старите проблеми, нерационалното користење на обработената вода, особено за наводнување на бавчи и дворни места, но и дивите приклучоци кои не само што го нарушуваат квалитетот на водата, туку се и главна причина за честите дефекти на водоводната мрежа.

И покрај зголемената потрошувачка, од претпријатието информираат дека засега не се планираат рестрикции. Во случај да се достигне максималниот капацитет на производство  кој изнесува 900 кубни метри на час, во функција ќе бидат ставени трите дополнителни резервоари за вода. 

Во меѓувреме, јавното претпријатие апелира до граѓаните да ја користат водата рационално и одговорно, особено во услови на зголемена потрошувачка. За да се спречат незаконски приклучоци, најавени се зачестени контроли на терен. Граѓаните кои ќе бидат фатени да вршат диви приклучоци или други прекршоци ќе бидат санкционирани согласно со законските прописи.