Два онколошки таблетарни лекови до крајот на месецот достапни во аптеките
Со партиципација од педесетина денари, околу 2500 пациенти со рак на дојка ќе ја земаат таблетарната терапија во местото на живеење. Фондот за здравствено осигурување вклучи два онколошки лека на примарната позитивна листа, но ќе бидат достапни во аптеките до крајот на месецот. Здружението ХЕМА – ОНКО ова го бараше веќе подолг период поради малтретирањето на болни да патуваат стотици километри до Онкологија за да ја земат терапијата. Одлуката е во интерес и на Клиниката за растеретување на гужвите.
-Само во 2023 година имало над 11 000 прегледи за издавање на овие два лека на клиниката. Тоа значи дека овие 2400 – 2500 пациенти 11 000 пати дошле на онкологија и се создава тесно грло на најмалку 5 места. Она што ќе стигнува до пациените е само партиципација и таа нема да биде повисока од 50 до 100 денари, вели Сашо Клековски, директор на Фонд за здравствено осигурување.
За овие онколошки лекови немало потреба од големо пребарување за побарувачката бидејќи е достапен само на Онкологија. За најавите од пред неколку месеци дека на позитивната листа ќе се најде и терапија која спречува згрутчување на крвта, од Фондот со уверување дека и тоа ќе биде во текот на летото, но прво да анализираат колку пациенти ја користат.
-Употребата е многу поголема и ни требаат информации колкава е количината што во моментот се користи и употребува во нашата земја, дополнително на рефундациите што ги правиме за клексанот, вели Клековски.
Од Фондот со уверување дека на Онкологија нема недостаток на терапија како што се ширеле информации. Недостасуваат два генерички лека кои ги немало кај дистрибутерите, но за нив имало замена.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар