Анализа на Фајненс тинк: Ребалансот предвидува раст на плати и пензии – ефектите може да се почувствуваат врз цените
Раст на платите во образование, здравство, МВР, но и во администрацијата, раст на пензиите и на ставката стоки и услуги, во која влегуваат и привремените вработувања со ребалансот на Буџетот кој Владата го испрати до Собрането.
Институтот за економски истражувања и политики, Фајненс тинк го анализираше предложениот ребаланс. Буџетскиот дефицит нема да се зголеми иако се зголемуваат расходите. Тоа, според Институтот, се должи на растот на неданочни приходи во државниот буџет – главно поради успешната работа на Народната Банка. Но овие пари ќе се трошат на плати и пензии, што според Фајненс тинк, би можело дополнително да ги зголеми цените во маркетите.
- Сите вкупни три ставки претставуваат сериозен притисок врз вкупната стапка на инфлацијата, односно притисок врз ценовното ниво кадешто и покрај моменталната рестриктивна политика и во делот на монетарна политика и замрзнување на маржите сепка забележуваме една упорност на цените којашто постои. Главно затоа што имаме притисок врз вкупниот дел на агрегатната побарувачка, а главно притисокот преку овие ставки, вели Благица Петрески од Фајненс тинк.
Иако засега не е познато дали пензионерите од септември ќе го добијат само законското покачување или тоа ќе биде линеарно, како што се случи во минатите два пресеци, првата финансиерка во ребалансот предвидува раст на трансферите кон ПИОМ за околу 50 милиони евра. Доколку властите одлучат повторно да ги зголемат пензиите линеарно, како што тоа го сторија минатиот септември и овој март, Фајненс тинк предупредува дека можни се негативни ефекти врз економијата.
- Сето вкупно такво отстапување има два ризици. Првиот ризик е по вкупната фискална консолидација, односно тоа значи дека буџетскиот дефицит нема да се намалува со темпо кое се очекува. Нема брзо да стигне до оние посакувани 3% од БДП, а вториот ризик е ризикот врз стабилноста и самоодржливоста на пензискиот систем и дефицитот којшто потенцијално ќе се креира во пензискиот систем којшто, пак, се надополнува преку државниот буџет.
Првичните анализи за проекциите на владата за раст на економијата од 3,7% се добри, но капиталните инвестиции се тие кои треба да бидат моторот на економскиот раст. Дополнително, влијание врз тоа ќе имаат и економиите на најголемите трговски партнери на земјата, како Германија. Институтот е малку поскромен од Владата и предвидува дека економскиот раст на крајот на годината ќе биде околу 3,5%.
Расправата за ребалансот на Буџетот во Собранието почнува утре, а поднесени се околу 200 амандмани.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар