Идната недела пресуда за убиството на Вања и Панче
Приведено е лицето кое требало да го уништи ранецот на Палчо во кој било оружјето со кое се убиени Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Апсењето доаѓа по денешниот завршен збор на обвинетиот Велибор Манев кој во сведочењето рече и дека намерно оставил докази како снимки од камерите, за да не му остави простор за алиби на Палчо.
„Бидејќи сака да ме набеди дека јас сум убиецот, ќе кажам сè. Лично тој ми се јави од турската граница и ми рече да му се јавам на З.Д. од Народна банка, член на партијата „Десна“, за да го отстрани „пакетот“ – ранецот со оружје и мотороли“
Полицијата веднаш по ова го лишила од слобода Зоран Давитков, член на партијата Десна и вработен во Народната Банка. Лицето е задржано во станица а обвинителството информираше дека се преземаат и други дејствија. Адвокатот на Палевски вели дека ова е уште една измислена приказна на обвинетиот Манев. Побара ослободителна пресуда за Палчо.
Палевски завршните зборови ги читаше од околу 30тина страници и тврдеше дека за него не постои ниту еден доказ дека ги сторил кривичните дела. Снимките од доказната постапка ги нарече цртан филм а за обвинителството дека водело криминална истрага.
Во завршните зборови обвинетиот татко на Вања побара само од Палчо да слушне зошто ја убил неговата ќерка. Останатите обвинети изразија каење што му верувале на Палчо и дека не се виновни за убиствата. На 25 јуни јавноста ќе ја слушне пресудата за 5мината обвинети за двете свирепи убиства.
-
Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар