Гаши: Пратениците имаат право на интерпелација против секој носител на јавна функција
Секој пратеник има право да покрене интерпелација за работата на секој носител на јавна функција, порачуваат од Собранието, откако ДУИ поднесе интерпелација за претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски. Но, дури и да помине, интерпелацијата нема да значи ништо повеќе од политички чин, без правна тежина и без моќ да влијае врз мандатот на Костадиновски. Уставен судија не може да биде разрешен од ниту една политичка институција. Сепак, од Собранието велат дека се придржуваат до процедурите, иако токму тие процедури во ваков случај повеќе служат за политичка демонстрација, отколку за институционална одговорност.
Секоја иницијатива поднесена од страна на пратениците, доколку е во согласност со Уставот и Деловникот и законите, ќе биде процесирана со целосно почитување на законите и демократските стандарди. Обезбедувањето на легалитетот и заштитата на институционалниот интегритет на Собранието не претставуваат само обврска, туку и темелен принцип на визијата на Претседателот за одговорно владеење.
Од СДСМ се изјаснија дека нема да ја поддржат интерпелацијата за Костадиновски.
Претседателот не го избира Собранието, туку се бира од страна на уставните судии, оттаму ниту правно формално оваа иницијатива не е издржана. Покрај ова, сметаме дека таа може да се искористи исклучиво за дневно политички цели од страна на оние кои ја иницираат. Уставниот суд треба да работи согласно уставот и да ги спроведува сите иницијатви согласно законите, велат од опозициската партија.
Власта се уште е без коментар за интерпелацијата поднесена од ДУИ, но тие и претходно сметаа дека оваа пратеничка група бара начин да влијае врз работата на Уставниот суд.
Интерпелацијата на ДУИ е реакција на, како што велат, навредливиот однос на Костадиновски кон албанскиот јазик и Законот за јазици. Го обвинуваат дека го прекршил Уставот со јавни дисквалификации на законот и дека ја довел во заблуда Венецијанската комисија, претставувајќи го албанскиот како малцински, а не како јазик на немнозинска заедница.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар