Пуштена и последната пациентка од болницата во Солун повреденa од трагедијата во Кочани
Од општата болница „Папаниколау“ во Солун, вчера беше отпуштена и последната пациентка, која заедно со уште две лица беа хоспитализирани на 16 март, само неколку часа по трагичниот пожар во Кочани, додека пак во Грција, на лекување остануваат уште двајца повредени, згрижени во атинската воена болница, јави дописничката на МИА од Атина.
Од солунската болница, денеска преку соопштение информираа дека и тројцата пациенти на возраст од 19, 25 и 26 години веќе се отпуштени и „заврши тешкиот, но успешен циклус на хоспитализација на тројцата млади“ кои со сериозни изгореници првично беа хоспитализирани на Одделот за изгореници со клучна поддршка од Одделот за интензивна нега, а потоа, „следеше нивна грижа во Клиниката за пластична хирургија и хирургија за раце при болницата“.
Според информациите на МИА, првата пациентка беше отпуштена на 11 април, вториот пациент пред две седмици, а последната пациентка хоспитализирана во „Папаниколау“, синоќа си замина од болницата.
- Текот на нивната здравствена состојба покажа стабилно подобрување, како резултат на колективниот напор и високата научна способност на медицинскиот персонал на инволвираните одделенија. Последниот отпуст беше издаден на 26 мај, во силна емоционална атмосфера, означувајќи го почетокот на нивното враќање во нормалноста. За персоналот во болницата, најголема награда беа насмевките на пациентите и нивните семејства, соопштија од „Папаниколау“.
Дополнително управата на болницата, преку соопштението изрази срдечна благодарност до медицинскиот персонал за нивната посветеност и хуман пристап, како и „до надлежните органи на соседната земја за беспрекорната соработка и доверба што ја покажаа во грчкиот јавен здравствен систем“.
- На тројцата млади и на нивните семејства од срце им посакуваме здравје, сила и оптимизам за иднината, пишува на крајот од соопштението.
Во попладневните часови на 16 март, со амбулантни возила, тројцата млади лица со сериозни изгореници здобиени во пожарот во дискотеката во Кочани беа итно пренесени во болницата „Папаниколау“ во Солун, а беа и првите хоспитализирани во Грција.
Потоа следеа уште двајца во Солун во воена болница, а неколку дена подоцна, со два медицински лета на грчкото воено воздухопловство во Атина беа префрлени уште седум пациенти.
Од вкупно 12 лица хоспитализирани во Грција, според информациите на МИА, на лекување остануваат уште две лица, момче и девојка, кои се во Атина и не се во животно загрозувачка состојба, а се очекува и тие набргу да се вратат дома.
Ново на Сител
-
Македонија и Малта ќе соработуваат за користење на ЕУ фондови за инвестиции во образование, наука, млади и спорт
-
Сиљановска-Давкова на Меѓународниот Астана форум 2025
-
Зидан сонува да стане селектор на Франција
-
Манчестер Сити објави големи промени во штабот на Гвардиола
-
Пау Кубарси е „Златно момче“: Дефанзивецот на Барселона прогласен за најдобар млад фудбалер во Европа
-
Челси по пресврт до титулата во Лигата на Конференциите
-
Рубио: САД ќе почнат да ги поништуваат визите за кинеските студенти
-
Федерален суд во САД ги блокираше царините наметнати од Трамп, тој веќе поднесе жалба на судската одлука