Македонија
26. May 2025 - 12:19

Три туристички рути во Дојран ќе привлекуваат посетители и надвор од летната сезона

Дојран ги збогатува содржините за туристите. Преку  Јавното претпријатие Тауријан општината започна со реализација на три нови туристички рути наменети за организирани групи од најмалку 10 лица. Понудата опфаќа Езерска рута со електрични велосипеди покрај Дојранското Езеро, културно-историска пешачка тура низ старото јадро на градот и ридско-планинска рута до фронтовската линија од Првата светска војна . Новата понуда има за цел да  го прошири туристичкиот капацитет и надвор од летната сезона.

Градоначалникот на Дојран, Анго Ангов, вели дека новите тури веќе предизвикале интерес, особено фронтовата рута, за која најзаинтересирани биле  странски туристи од Англија, Србија и Бугарија. 

Од општина Дојран најавуваат дека во меѓувреме се прават сите подготовки за почетокот на новата туристичка сезона. Веќе биле завршени сите постапки за уредување на плажите, како и хортикултурно уредување на градот.