Преглед на вестите од светот
Трамп: Русија и Украина веднаш почнуваат преговори за завршување на војната
По разговорот со рускиот претседател Владимир Путин, американскиот претседател Доналд Трамп верува дека разговорот поминал многу добро. Русија и Украина веднаш ќе започнат преговори за прекин на огнот, и што е уште поважно - за КРАЈ на војната, напиша американскиот Трамп на својата социјална мрежа.
Според американскиот претседател преговорите меѓу Русија и Украина ќе започнат веднаш, според објавата тој ги информирал и претставниците на Европа за текот на разговорот. Путин по повикот рече дека Русија ќе работи со Украина на меморандум за идниот мировен договор.
Претседателот на Украина Володимир Зеленски рече дека Киев и неговите партнери размислуваат да организираат средба на високо ниво меѓу Украина, Русија, САД, земјите од Европската унија и Велика Британија, како дел од напорите за ставање крај на војната на Москва во Украина. Како можни домаќини би можеле да бидат Турција, Ватикан или Швајцарија. Украина и Русија одржаа директни преговори во Истанбул минатата недела по налог на САД.
Фон Дер Лајен: Трамп ги информираше лидерите на ЕУ и Зеленски за разговорот со Путин
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, синоќа изјави дека таа и другите лидери на ЕУ, како и украинскиот претседател Володимир Зеленски, добиле извештај од американскиот претседател Доналд Трамп за неговиот телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин.
„Сакам да му се заблагодарам на претседателот Трамп за неговите неуморни напори за постигнување прекин на огнот во Украина. Важно е САД да останат ангажирани. Ќе продолжиме да го поддржуваме Володимир Зеленски во постигнувањето траен мир во Украина“, напиша Фон дер Лајен за мрежата X.
Ушаков: САД и Русија планираат да разменат по девет затвореници
Русија и САД планираат да разменат по девет затвореници како дел од новиот договор за размена, соопшти Кремљ. Путин и Трамп за ваквиот договор разговараа за време на двочасовен телефонски разговор, изјави советникот за надворешна политика на Кремљ, Јуриј Ушаков за руските медиуми. И покрај тековните политички тензии, Москва и Вашингтон продолжуваат да вршат размена на затвореници.
- Ова е важна хуманитарна иницијатива, рече Ушаков.
Советникот на рускиот претседател го опиша разговорот меѓу двајцата лидери како конструктивен и отворен, додавајќи дека траел два часа и пет минути.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар