Свет
20. May 2025 - 8:24

Членките на СЗО гласаа за глобален договор за подобрување на подготвеноста за пандемии

Членките на Светската здравствена организација (СЗО) гласаа во корист на потенцијално револуционерен глобален договор за подобрување на подготвеноста за пандемии.

Во корист на предлогот гласаа 124 држави, откако Словачка побара гласање, иако нејзиниот премиер Роберт Фицо инсистираше неговата земја да се спротивстави на усвојувањето на договорот.

Ниту една држава не гласаше против, додека 11 држави беа воздржани, вклучувајќи ги Полска, Израел, Италија, Русија, Словачка и Иран.

- Владите од целиот свет ги прават своите земји и нашата меѓусебно поврзана глобална заедница поправедни, поздрави и побезбедни од заканите што ги носат патогените и вирусите со пандемиски потенцијал, изјави генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.

Нацрт-договорот, кој ги разгледува структурните нееднаквости во однос на начинот на кои се развиваат лекови или вакцини и здравствени инструменти, следејќи ги лекциите научени од пандемијата на Ковид19, која уби милиони луѓе во текот на 2020-2022 година, ќе биде официјално усвоен денеска на пленарна седница на Светското здравствено собрание во Женева.

Тој сепак, нема официјално да стапи во сила додека не биде договорен анекс за споделување на патогените, што може да потрае до две години, по што државите ќе треба да го ратификуваат договорот.

По три години тешки преговори, договорот е прифатен од многу дипломати и аналитичари како победа за глобалната соработка во време кога мултилатералните организации како СЗО се погодени од наглото намалување на странското финансирање од САД.

Американските преговарачи ги напуштија дискусиите откако претседателот Доналд Трамп почна 12-месечен процес на повлекување на САД од агенцијата кога стапи на должност во јануари. Со оглед на тоа, САД нема да бидат обврзани од договорот.