Таравари го отвори пратеничкиот трансфер пазар
Политиката е работа на можното вели премиерот прашан дали во наредните денови може да се очекува пратеници на ДУИ да му се приклучат на владејачкото мнозинство. Вели, Таравари веќе избра страна.
А на страната на Таравари не се гледа голем дел од неговата партија, вели министерот за европски прашања изразувајќи очекување дека до крајот на неделата мнозинството ќе добие нови пратеници
Таравари за време на викендот веќе загуби еден пратеник а збогум му кажа и вицепремиерот Фетаи. На социјалните мрежи тој денеска ги обвини за предавство.
„Патот на Арбен Џафери не минува покрај Влада кој што те нарекува 20%. Патот на промените не покрај пратеници кои ја продаваат својата позиција. Патот на достоинството не се минува со напуштање на партијата за министерско столче. На крајот на се, ќе се видиме во октомври.“ – порача Таравари.
Лојална му остана заменик министерката за одбрана која денеска реши да го следи неговиот чекор и да си поднесе оставка.
Иако официјално договор со Таравари нема, во ДУИ веќе констатираа дека се формирал фронт против Владата во кој се обединиле и најголемите противници
“Албанците се обединуваат. Наспроти оваа антиевропска и антиалбанска влада се формира достоинствен, национален и граѓански фронт кој бара еднаквост, стабилност и иднина за сите.
Дури и најжестоките политички противници ги оставаат настрана разликите за да го бранат достоинството, националниот интерес и да им го обезбедат на граѓаните она што тие го бараат: пристојна почит и европска перспектива.“ – се вели во соопштението на ДУИ.
Во СДСМ веќе изразија резерви за соработка со ДУИ но лидерот Филипче очекува да ги слушне позициите на Таравари на средбата која ќе се одржи вечерва или утре. Повторно констатираше дека Владината коалиција се распаѓа
Ако сите пратеници ги задржат своите позиции, Таравари ќе има 4 гласа во Собранието.
-
Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар