Македонија
14. May 2025 - 16:46

Јавно ќе се разрешува претседател на Судски совет: Министерството за правда со нов закон

Кој и како може да го разреши претседателот на Судскиот совет? Ова прашање досега не беше јасно прецизирано во законот што се покажа како проблем кога мнозинството членови на советот ја разрешија Весна Дамева од претседателската функција, а подоцна судот оцени дека таквата одлука била незаконска.
Сега, Министерството за правда предлага ново законско решение кое треба да стави ред во оваа постапка, а за разрешување на претседателот на Судски ќе бидат потребни осум гласа од членовите. Според предлогот би требало да се избегнат идни правни недоречености околу легитимноста на ваквите одлуки.

Се предвидува јавност во постапката и таа не смее да биде исклучена во ниеден случај. Постапката за разрешување од функцијата претседател или заменик претседател се поведува од најмалку четири члена, а одлуката за разрешување се носи со најмалку 8 гласа. Против одлуката за разрешување на претседателот, односно заменик претседателот дозволено е право на тужба до Управниот суд.

Според новиот закон за судски конечно ќе се регулира и терминот истакнат правник, односно јасно ќе бидат прецизирани критериумите за членовите на Судски кои ги бира Собранието.Да биде дипломиран правник со најмалку 15 години работно искуство со положен правосуден испит  или универзитетски професори со стаж од најмалку седум години. 

И членови на Судскиот совет учествувале во изготвување на законот, а како што кажа претседателот Камбовски, со некои предлози се согласуваат со некои не, но смета дека конечно требало да се дефинира терминот истакнат правник. 

Од СДСМ велат дека власта упорно доцни со спроведување на активностите од реформската агенда за правосудтсвото. 

Особен проблем е однесувањето на министерот за правда, г-дин Игор Филков, кој се чини дека тенденциозно го минира процесот.

Од предвидените реформски закони, Министерството за правда, стави само 4 на ЕНЕР, а тие допрва треба да ги усвои Владата, па да достават и до Собранието.

Зошто министерот Филков толку го одолговлекува реформскиот процес, иако рокот е до јуни, велат од СДСМ.

Министерот за правда тврди дека ќе се испочитуваат роковите од реформската агенда, а обвинувањата на СДСМ смета дека се целосно неточни, а опозициската партија вели е последна која има право да зборува за реформи во правосудството. Дел од законите веќе се на ЕНЕР, во фаза на јавна консултација. Во план и подготовка се уште 13 закони.