Почнува Саемот на книга
Под слоганот „Храна за душа“, од денеска до 14 мај во арената „Борис Трајковски“ во Скопје ќе се одржи 37. издание на Саемот на книга. Најавени се над 65 издавачки куќи и повеќе од 110 промоции и средби со автори.
Саемот ќе ги отвори вратите за посетителите денеска во 10 часот, а официјалното отворање ќе се одржи во 12 часот со обраќање на министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Во текот на седумте саемски денови, во кои ќе има и национално претставување на Република Србија, посетителите ќе имаат можност да изберат книги од богатата понуда на домашни и странски автори, да присуствуваат на промоции на нови дела и да се запознаат со издавачите.
Љубителите на модерната литература, оваа година, ќе се сретнат со популарниот германски писател Себастијан Фицек, а за најмладите се организирани едукативни и креативни работилници, маскоти и забава на 10 и 11 мај.
Саемот ќе понуди повеќе од 110 промоции и средби со автори, а се очекува бројот на посетители да надмине 30.000, од кои околу 12.000 ученици.
Вратите на Саемот ќе бидат отворени секој ден од 10 до 20 часот, а последниот ден до 18 часот. Цените на влезниците се 100 денари за редовна влезница, 50 денари за ученици и 250 денари за три посети. Влезот е бесплатен за деца до 12 години во присуство на родител. Со секоја купена влезница, 15 денари ќе бидат донирани на СОС Детското Село.
Повеќе издавачки куќи во државата веќе ја објавија својата програма и понуда во рамки на годинашниот Саем на книга.
Издавачката куќа „Антолог“ под слоганот „Книги без граници“ за читателите најави богата програма, ексклузивни саемски попусти, огромен број новитети и гостување на еден од најистакнатите автори и јавни интелектуалци од регионот – Миодраг Мајиќ.
– Познатиот белградски судија, правен експерт и писател, Мајиќ ќе биде специјален гостин на штандот на „Антолог“ на 9 мај (петок) во 17 часот. Авторот на романите „Деца на злото“, „Островот на пеликаните“, „Рудникот“ и „Под туѓо сонце“ ја користи книжевноста како моќна алатка за општествена критика и промена, истовремено привлекувајќи илјадници читатели низ целиот регион, соопштија од издавачката куќа.
Во текот на настанот, како што посочуваат, посетителите ќе имаат можност да го сретнат авторот, да се фотографираат со него и да добијат потпис на неговите книги, вклучувајќи ја и новата „Под туѓо сонце“. Читателите ќе имаат можност да уживаат во разговор со српскиот писател и да го слушнат неговиот поглед на литературата што ја создава.
По неколкугодишна пауза, годинава и издавачката куќа „Македоника литера“ ќе учествува на Саемот на книгата во Скопје.
Како што е најавено, на штандот на „Македоника литера“ ќе бидат понудени над 600 наслови од областа на белетристиката (домашна и преведена), литературата за деца, драмската литература, историографијата, книжевната теорија, книжевната и културната историја, лингвистиката, филозофијата (посебно старокинеската). Од издавачката куќа велат дека ќе биде понуден богат избор, добар квалитет и пристојни цени.
За време на Саемот на книгата „Македоника литера“ ќе организира и три промоции на нови книги. Денеска во 18 часот ќе се одржи промоција на две нови книги на Ѓоре Ѓелев – раскази „Човекот без сенка“ и поезијата „Љубовен бележник“. Промотор ќе биде Васил Тоциновски.
За утре е планирана промоција на најновата книга на Киро Донев – романот „Дневникот од штрковото гнездо“, а промотор ќе биде Нове Цветаноски.
На 12 мај ќе биде промовирана книгата раскази „Фрагменти од писма што никогаш нема да бидат пратени“ од Марина Димитриева Ѓорѓиевска. Промотор ќе биде Ранко Младеноски. На 9 и 10 мај, гостин на штандот на „Македоника литера“ ќе биде Киро Донев, кој за своите читатели ќе потпишува свои книги.
Од издавачката куќа „Три“ најавија дека љубителите на пишаниот збор на Саемот на книга ќе бидат пречекани од многу новитети од домашни автори и преводи на светски бестселери, големи попусти до 80 проценти и понуда од над 600 наслови.
Како што посочуваат, саемското искуство ќе биде збогатено со книжевни средби со ексклузивците на „Три“ и едни од најистакнатите македонски автори – Румена Бужаровска и Венко Андоновски, како и книжевни промоции, читања и музика.
-На Саемот, на 10 мај, на штандот на „Три“ ќе гостува Патриша Марш-Стефановска, авторка на историска фикција и публицистика, како и преведувачка, меѓу другото и на драмите на Горан Стефановски на англиски јазик. Нејзината книга „Наспроти мојата животна филозофија“ е прво издание на македонски јазик, а претставува мемоари за необјаснивото, кои не само што одблиску нè запознаваат со животите на нејзините блиски луѓе туку нè водат и подлабоко во невидливите нишки што нè спојуваат, велат од издавачката куќа.
Исто така, како што најавија, „Тони“, првиот роман на Румена Бужаровска, доживува трето издание, а саемската средба со авторката ќе се случи на 9 мај, петок. На 11 мај, недела, читателите ќе се сретнат со писателот Венко Андоновски.
Од бестселерите ќе можат да се најдат „Дневникот на еден извршен директор“ од Стивен Бартлет, „48 закони на моќта“ од Роберт Грин, „Луѓето од свадбата“ од Алисон Еспак, а секако и новитетите што неодамна пристигнаа, меѓу кои е и најдоброто од Доли Олдертон – „Сѐ што знам за љубовта“.
Под слоганот „Храбри нови приказни”, издавачката куќа „Арс Ламина” ќе биде дел од 37. издание на „Саемот на книгата”.
-Нашиот штанд, инспириран од книгата „Се викам Храброст“, со динамичен дизајн и смели тонови, ќе понуди повеќе од 1.000 наслови: детска литература, белетристика, популарна психологија, стручна литература, книжевни класици и друго, објавија од издавачката куќа на нивната фејсбук страница.
„Арс Ламина“ најави дека ја збогатува домашната книжевна сцена со повеќе од 100 нови изданија и нуди богата програма со средби со автори, инспиративни настани и креативни работилници за деца. Книгите ќе бидат подостапни за сите преку попусти до 80 проценти, како и специјални понуди на книги за 50, 100 или 200 денари.
– Следуваат возбудливи денови со работилници, авторски потпишувања, интерактивни настани за деца и возрасни, специјални гости и многу изненадувања, велат од „Арс Ламина“.
Како што е најавено, за полесен пристап на посетителите на 37. Меѓународен саем на книгата, од денеска до 14 мај во редовниот линиски превоз ќе бидат вклучени две автобуски линии „100“ и „200“. Првата ќе поаѓа од Ново Лисиче, а другата од Дексион.
Ново на Сител
-
Лишен од слобода албански државјанин на ГП „Блато“, понудил поткуп на полицаец
-
ОЈО отвори истрага против 21-годишен скопјанец, во претрес на таванска просторија во зградата каде живеел пронајдена дрога и оружје
-
Малолетник нападнат од неколку лица на автобуска станица во Центар
-
Муцунски: Посветени сме на реформите, но очекуваме и Брисел да го исполни она што го вети кон Западниот Балкан
-
Бесент: Мислам дека Путин е воен злосторник, но со него треба да преговараме
-
Чешкиот претседател ги гледа истите елементи во денешниот свет што ја предизвикаа Втората светска војна
-
Директор на „Колекторски систем“ во Охрид го оштетил претпријатието за скоро 3 милиони денари
-
На барање на Турција блокиран профилот на уапсениот градоначалник на Истанбул на мрежата Икс