Македонија
7. May 2025 - 16:35

Намалување на апетитот за проширување на ЕУ

Намалена желба за проширување има во Европската унија, а таков тренд има и кај земјите кандидати, сметаат експертите. Како главни причини ги посочуваат бавниот процес на пристапување и немањето перспективи од проширувањето.

„Ова го ослабува апетитот за реформи, модернизирање на земјите кандидатки, што па од друга страна, го намалува апетитот за прием на кандидати кои што ќе имаат добро владеење на правото. Значи, севкупно земено, имаме намалување на апетитот  за проширување кај сите страни според сегашната состојба на работите“, изјави Фунда Текин, Институт за европски политики – Берлин. 

Според домашните експерти, владеењето на правото како основа за пристапување, зависи и од ангажираноста на Европската унија. Сметаат дека реформите во правосудството стагнираат по ветото од Бугарија. Потсетуваат дека ниту промената на уставното име не бил доволен компромис за напредок.

 „По 2017 година имаше многу силен компромис од наша страна беше направен, меѓутоа, наместо да ја добиеме наградата, пак следеше вето. Тоа испраќаше и сигнал до другите земји, не правете компромис затоа што ќе завршите на истата ситуација како што заврши и Македонија“, изјави Марко Кртолица, Професор на УКИМ.

„Од нашето 20 годишно искуство, моделот во најголем дел, барем тоа е така во нашиот случај, во најголем дел зависи од ангажманот на самата Европска унија во одржувањето во живот на перспективата за пристапување“, изјави Симонида Кацарска. 

Според експертите, во моментов земјата не назадува во евроинтеграциите, но, на добар пат е да доцни ако Собранието не ги усвои реформските закони како што е Законот за висока раководна служба кој треба да го намали политичкото влијание при вработувањето во јавната администрација.