Семејното насилство ќе се гони по службена должност
Физичкото малтретирање при семејно насилство, ќе се гони по службена должност, а не како досега кога жртвата мораше лично да го пријави насилникот во полиција. Ова се наоѓа во ургентните измени на Кривичниот законик кои ги предлага министерството за правда, кои би требало да бидат готови за две недели. Со нив ќе се гони насилникот, без разлика кој го пријавил насилството.
Со измените се врши и редефинирање на кривичното дело „Телесна повреда“ со отстранување на гонењето по предлог во случаи кога делото е сторено при вршење родово-базирано насилство, насилство врз жена или семејно насилство или од омраза или спрема лице кое е посебно ранливо поради неговата возраст, тешките телесни или душевни пречки или бременост, со што овој облик на делото ќе се гони по службена должност согласно одредбите од Истанбулската конвенција, информираа од Министерството за правда.
Измените на прелог законот ќе бидат објавени на ЕНЕР каде сите заинтересирани ќе имаат можност да дадат свои коментари и предлози, па ќе треба да биде усвоен на Владина седница, па изгласан во Собранието.
Невладиниот сектор ја поздрави одлуката на Министерството за правда, која велат тие ја бараат со години наназад. Насилникот да е свесен дека може да биде кривично гонет и без да го пријави жртвата.
Правниците сметаат дека овој потег на Министерството за правда е добар, но задоцнет. Оние кои го вршат семејното насилство нема да можат да и вршат дополнителен притисок на жртвата да ја повлече пријавата, туку ќе бидат гонети по службена должност.
Во саботата Рамајана Азири беше убиена од нејзиниот партнер од кој со години трпела семејно насилство. Нејзините блиски пред камерата на Сител сведочеа дека таа го пријавувала во полиција насилството, но не била сфатена сериозно од страна на полициските службеници.
Официјалните информации од МВР беа дека починатата жена никогаш не го пријавила насилникот во полиција.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар