Македонија
3. May 2025 - 16:43

„Од врата до врата” за поголем опфат со вакцини и избегнување на епидемија со морбили

Во урбано Скопје има родители кои се помалку свесни за важноста на задолжителните вакцини од оние кои живеат во руралните средини. Но опасноста од повторно епидемија на морбили е закана за сите поради нискиот опфат со имунизација против МРП. Во Кавадарци состојбата е алармантна со едвај 30 проценти вакцинирани, а помалку од половината примиле вакцина против морбили во Куманово. Здравствени тимови одат од врата до врата барајќи ги децата со пропуштени дози.

- Оваа година удривме акцент на вакцините против МРП и ХПВ како вакцини со најмал опфат на вакцинација. Инаку, во руралните средини сепак имале подобра имунизација од онаа што е во градските урбани средини, вели Анита Димовска, главна сестра за Кисела Вода при ЗД Скопје.

Кога ќе стигнат пред дом на дете што нема дел од задолжителните вакцини, од тимовите велат дека има родители кои се согласуваат да биде имунизирано на лице место. Но, има и такви кои само сакаат совети а потоа одлучуваат дали и кога ќе посетат пункт за имунизација. 

- Имаме и матични лекари кои ни го кочат процесот на вакцинација каде веројатно шират дезинформации. Има многу причини и еве би кажала и големиот број на антивакцинални здруженија кои постојано се појавуваат и затоа тоа мора законски да се регулира, вели д-р Каролина Ристова Стефановска, раководител за имунизација Карпош. 

Кај некои информациите од социјалните мрежи влијаат, други, пак, го почитуваат задолжителниот календар со имунизација.

- Да, ги вакцинираме со сите вакцини како што велат лекарите...велат родители.

Решение во календарот за имунизација има и за оние кои примаат прва вакцина на 8 години.

- За жал сеуште имаме деца што не се ваквинирани, родителите ги носат и прва доза примаат на 6, 7 или 8 години кога се веќе во школо.Затоа апелираме да ги примаат вакцините, вели д-р Даниела Марковска, пункт за имунизација Јане Сандански. 

Скопските Аеродром, Карпош и Центар имаат опфат за имунизација и под 60 процнети за МРП што е дури и полоша слика од 2019 кога имаше епидемија на морбили со неколку смртни случаи и повеќе од 2000 заразени.